Бектеши: Еднакви услови за домашните и странските компании

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска одржа работна средба со г.Пинто Рикардо тим лидер на проектот за ревизија на индустриската политика 2009-2020 година во Македонија.

На средбата министерот Бектеши беше информиран за анализата со која ќе бидат идентификувани индустриските сектори кои имаат потенцијал за економски развој и зголемување на извозот, а ќе биде изработена во рамки на проектот, во соработка со Министерството за економија.

Министерот Бектеши на Рикардо и на неговиот тим им понуди целосна поддршка за периодот од 12 месеци, колку и ќе трае проектот.

Овој проект се состои од пет компоненти, и тоа: дополнување на Стратегијата за индустриска политика 2009 – 2020, формирање на одделение во Министерството за економија за следење и eвалуација на политиките за индустријата и малите и средни претпријатија, ажурирање на веб-страницата ‘konkurentnost.мк’, понатамошен развој и евалуација на кластерите, како и практична работа со три најуспешни кластери во земјата.

Проектот, во соработка со Министерството за економија, до септември ќе излезе со извештај кој ќе произлезе од спроведените анализи за активностите на индустрискиот сектор, а ќе содржи предложени мерки за забрзување на неговиот развој.

Проектот за ревизија на индустриските политики 2009-2020 е поддржан од Европската унија со буџет од 250.000 евра, кои ќе се користат за анализа на работата на индустриските сектори во земјата.