Белата куќа ја појаснува изјавата на Бајден за Путин

Белата куќа во саботата го појасни искажувањето на американскиот претседател Џо Бајден кој претходно во саботата во текот на обраќањето во полската престолнина Варшава рече дека рускиот претседател Владимир Путин „не смее да остане на власт“, истакнувајќи дека Бајден не мислел на промена на власта во Русија.

Завршувајќи ја својата европска турнеја, Бајден во саботата одржа долг говор во Варшава во кој се фокусираше на ситуацијата во Украина, на која ѝ порача дека САД се заедно со неа во нејзината борба против Русија, дека претстои „долга борба“ меѓу „демократијата и автократијата“, а главно неговото обраќање содржеше бројни обвинувања кон Русија.

На крајот од говорот, Бајден рече дека Украина „никогаш нема да стане победа за Русија“ и дека Путин „не смее да остане на власт“.

„Украина никогаш нема да биде победа за Русија, бидејќи слободните луѓе одбиваат да живеат во свет во кој владеат темнината и безбадежноста. Ќе имаме поинаква иднина, светла иднинина заснована на демократија и принципи, надеж и светлина, пристојност и достоинство, слобода и можности. Поради Бога, овој човек не смее да остане на власт“, рече меѓу другото Бајден чиј говор го пренесуваше на своите мрежни страници Белата куќа.

Ова е нов во низата изрази на американскиот претседател на сметка на рускиот челник кои се сметаат за недипломатски и навредливи, кави што беа изјавите на Бајден дека Путин е „убиец“, „воен злосторник“ или „касап“.

„Ставот на претседателот беше дека на Путин не смее да му се дозволи да користи сила против соседите или регионот. Тој не мислеше на власта на Путин во Русија или на нејзина смена“, појаснија подоцна за новинарите акредитирани во Белата куќа.

Американскиот претседател во својот говор имаше порака и за Русија: „Не размислувајте да влезете ниту сантиметар на територијата на НАТО“.

А откако Бајден рече дека Путин „не смее да остане на власт“ во повторениот обид да се покрене негативно расположение во Русија, на нејзините граѓани им порача дека „тие не се нашите непријатели“.

„Дозволете и ова да го кажам, дкоколки воопшто можете да ме слушнете: вие, руските народи, не сте нашите непријатели. Одбивам да верува дека без проблеми ја прифаќате смртта на деца и баби и дедовци или дека прифаќате болници, училишта, родилишта, да бидат гранатирани со руски ракети и бомби“, рече Бајден обраќајќи им се на Русите како дел од неговата стратегија за предизвикување отпор кон Путин.