![nuklearno oruzje sad](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/02/nuklearno-oruzje-sad.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
САД во овој момент „не гледаат причина за промена“ на нивото на нуклеарната готовност, објави Белата куќа откако рускиот претседател Владимир Путин ја презема таа мерка поради „агресивните изјави“ и санкциите од Западот поради рускиот напад во Украина.
„Не ги променивме нашите предупредувања и не ја променивме нашата процена на овој план, но мораме да бидеме многу претпазливи во поглед на неговото остварување на заканите“, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки во интервју за телевизиската мрежа MSNBC.
Претходно во понеделникот беа објавени шпекулации дека по наредба на Путин да се стават силите за нуклеарно одвраќање во состојба на зголемена готовност, дека САД „веројатно“ ја подигнале заканата на „чекор подалеку од опасност од нуклеарна војна“, односно го активирале системот DEFCON во Пентагон. Ваквата информација не е официјално потврдена, бидејќи американските власти од безбедносни причини никогаш јавно не кажуваат во колкав степен на опасност се наоѓа земјата, туку таквата процена е наведена на веб-страницата defconlevel.com. Станува збор за ресурс на аналитичари од отворени извори, како и оние поврзани со американската армија.
DEFCON (Defense Ready Condition), е систем што го користи Пентагон за да го означи нивото на закани од нуклеарна војна со кои се соочуваат Соединетите држави, што потоа ја одредува подготвеноста за потенцијален одговор. Има пет нивоа, од DEFCON 1 до 5. DEFCON 5 е најниската состојба на подготвеност, додека DEFCON 1 е максималната состојба на готовност, што значи дека нуклеарната војна започнува или веќе започнала.
Според USAToday, Русија има и своја верзија на DEFCON, иако нивоата на тој систем се нејасни.
Дмитриј Алперович, основач на Институтот за студии за кибернетичка безбедност на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ и поранешен главен технолошки директор на групата за сајбербезбедност, на Twitter објави дека Русија има четири нивоа на тревога од нуклеарна војна.
„Путин нареди зголемено ниво. Тоа е загрижувачки. Но, сè уште нема причина за паника“, напиша Алперович.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Шојгу го извести во понеделникот претседателот Владимир Путин дека е спроведена неговата наредба за ставање на силите за одвраќање во зголемен степен на борбена готовност.
Русија, според западните аналитичари, има најголеми резерви на нуклеарно вооружување, но оти знае дека НАТО има сосема доволно „да ја уништи“. На Западот, исто така, се проценува дека целта на наредбата на Путин е веројатно да се обесхрабри НАТО во вооружувањето и помагањето на Украина и предизвукување стравувања за тоа колку далеки е подготвен да оди.
Сојузниците на САД го поддржуваат принципот на превентивен нуклеарен напад врз Русија или Кина
Американските сојузници во Европа и на Пацификот од 2021 година вршат постојан притисок врз Белата куќа да ги одвратат САД да минат на принципот на неупотребување на нуклеарно оружје во рамките на американските политики за неширење на нуклеарното оружје, што според нив може да ги „охрабри“ Русија и Кина, објави тогаш ланскиот октомври британското издание Financial Times повикувајќи се на свои извори.
Како што објави весникот, американската нуклеарна политика од периодот на блоковската идеолошка Студена војна останува „намерно нејасна“. Теоретски САД може да изведат превентивен нуклеарен напад, така што нивните сојузници се чувствуваат заштитени со тоа што се наоѓаат под нивниот ткн „нуклеарен чадор“. Притоа се потсетува дека администрацијата на актуелниот американски претседател Џо Бајден ја анализира националната политика во однос на употребата на нуклеарното вооружување. Се очекуваше процените да завршат до крајот на годината, но досега на оваа тема во јавноста не се протекоа никави информации.
Според упатените извори на Financial Times, САД испратиле прашалник до сојузниците со цел да го утврдат нивното расположение во однос на промената на американската нуклеарна политика. Повеќето од нив негативно оцениле каква и да е промена во оваа сфера на колективната безбедност. Сепак, бидејќи САД веќе преземаа потези спротивни на ставовите на сојузниците, како во случајот на повлекувањето на војниците од Авганистан и потпишувањето договор со Австралија за нуклеарни подморници што ја разгневи Франција која загуби повеќе десетици милијарди во евра со него, некои земји се сомневаат дека нивните интереси ќе бидат земени предвид во Вашингтон.
Според информациите до кои дошол до весникот, противниците на ревизијата на постојната нуклеарна политика се Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија и Австралија. Повеќето од нив стравуваат дека претседателот Бајден размислува за минување на принципот „една цел“, при што САД ќе можат да користат нуклеарното оружје само во конкретни околности. Според повеќето функционери од споменатите земји, таквиот принцип нема да ја зголеми стабилноста, туку само ќе ги „охрабри“ Москва и Пекинг.
„Тоа би претставувало огромен подарок за Кина и за Русија“, рекол тогаш за Financial Times неименуван европски функционер.
Покрај тоа, постојат стравувања дека сојузничките земји, како Јапонија или Јужна Кореја, може да започнат со развој на сопствено нуклеарно оружје и да предизвикаат регионална трка во вооружување.
Ова не е првпат последните години САД да ја преоценуваат можната промена на својата политика во врска со примената на нуклеарното оружје. Слично прашање покрена и 44-от претседател Барак Обама, во чии два мандата актуелниот американски челник Џо Бајден беше потпретседател, но тој се откажа од каква и да е промена поради незадоволството меѓу сојузниците и американските високи офицери.
Високи претставници на НАТО последниот период зачестено ја обвинуваат Русија дека развива планови за употреба на нуклеарното оружје, но истовремено членките на воениот блок предводен од САД не го напуштаат концептот на „превентивен атомски напад“. Истовремено Москва наведуваше дека нуклеарното оружје го смета за средство за воздружување на непријателски напад и заштита на својата територија, како и дека руската нуклеарна доктрина не предвидува превентивен напад. Кина, пак, ги одбива сите американски настојувања да го вклучат Пекинг во преговорите за намалување на нуклеарниот потенцијал, појаснувајќи дека кинескиот атомски арсенал е повеќекратно помал отколку на двете воени супер-сили.