Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, ги демантираше пишувањата на јапонските медиуми дека САД, Велика Британија и Австралија наводно ѝ понудиле на Јапонија да се приклучи во новото одбранбено партнерство AUKUS, велејќи дека таквата опција не се разгледува во ваа фаза.
„Овие извештаи не соодветсвуваат на вистината“, рекла Псаки во текот на редовниот брифинг во Белата куќа.
Додала дека приоритет на трите земји вклучени во ова партнерство во моментов е да се договорат деталите од програмата за заеднички развој на напредно вооружување.
„Меѓутоа, тоа не подразбира JAUKUS (вклучување на Јапонија во AUKUS), истакнала Псаки.
Претходно во средата јапонските медиуми објавија дека Јапонија неофицијално добила покана да се приклучи на споменатиот американско-британско австралиски воен сојуз, кој беше објавен во септември минатата 2021 година. Според написите, Токио добил покани од секоја земја членка на блокот.
Земјите од AUKUS се заинтересирани за партнерство со Јапонија, бидејќи високиот технолошки потенцијал на земјата во области како што се сајбер-просторот, квантните технологии, вештачката интелигенција и др, може да се користи во развојот на хиперсоничното оружје и елеткроничкото војување, во што овие земји, во прв ред САД, заостануваат зад Русија и Кина коишто ги сметаат за главни непријатели и закана за нивните интереси. Во текот на неодамнешните контакти меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Кси Џинпинг, двајцата челници оценија дека воениот сојуз AUKUS ја поткопува нуклеарната рамнотежа и ги поттикнува тензиите во азиско-пацифичкиот регион.