Белата куќа обвини дека кинески хакери ја напаѓаат изборната инфраструктура на САД

Хакери поврзани со кинеската влада ја напаѓаат американската изборна инфраструктура во пресрет на ноемвриските претседателски избори, изјави во неделата советникот на Белата куќа за национална безбедност, Роберт О’Брајан, предупредувајќи на наводно сѐ поактивно кинеско мешање во изборниот систем во САД.

Оваа изјава е поостра од документот објавен во соопштението на Бирото на директорот на националната разузнавачка заедница (ODNI), објавен во петокот, во кое се наведува дека Кина ги проширува своите обида и дека Русија веќе се обидува да ја поткопа кампањета на кандидатот на Демократската партија, Џо Бајден. Документот на ODNI, всушност, беше главно посветен на наводното мешање на Москва во полза на републиканскиот претседател Доналд Трамп, додека Пекинг не е директно обвинет за обид да ги хакира системите поврзани со американските избори, туку само дека кинеската влада е против реизборот на актуелниот претседател. Во истиот извештај површно беше споменат и наводен обид на Иран за мешање во изборите во САД против Трамп, без конкретни показатели или докази.

„Тие (Кина) би сакале претседателот (Доналд Трамп) да загуби. Кина, како и Русија, како и Иран, се занимава со кибернетички напади и мрежни кражби на идентитети и со такви работи кои се однесуваат на нашата изборна инфраструктура, интернетските страници и слични работи“, изјави Роберт О’Брајан во емисијата „Face the Nation“ на телевизиската мрежа CBS News.

Кина од претходно редовно ги отфрла американските обвинувања дека ги хакира американските компании, политичари и владини агенции. „Американските претседателски избори се внатрешна работа, немаме интерес да се мешаме во нив“, изјави уште во април портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.

О’Брајан, исто така, вели дека САД откриле оти хакерите се обиделе да се инфилтрираат на интернет страниците кои припаѓаат на канцелариите на државниот секретар ширум земјата, кои се одговорни за спроведување на изборите на локално ниво и собирање податоци за Американците.

„Тоа е навистина причина за загриженост и не станува збор само за Русија. Ќе има сериозни последици за која и да е земја којашто ќе се обиде да се вмеша во нашите слободни и правични избори“, рече советникот на Белата куќа.

Советот за национална безбедност на Белата куќа досега не одговори на барањата на медиумите да ги коментира ваквите наводи. Од ODNI, исто така, одбиваат да коментираат или да појаснат дали изјавата на О’Брајан противречи на новниот документ.

Во споменатиот извештај на ODNI се наведува дека „непријателите“ настојуваат да ги компромитираат приватните комуникации на американскиет политички кандидати и да го поткопаат американскиот изборен систем пред претседателските избори на 3-ти ноември.