Белата куќа се согласи дека Камала Харис ги исполнува условите за потпретседател на САД

Белата куќа во неделата се согласи дека Камала Харис, демократска сенаторка од Калифорнија, ги исполнува условите да биде потпретседател на САД, со што се стави крај на сомнежите дека таа не би можела да ја извршува таа функција ако биде избрана на изборите во ноември, објави „Гласот на Америка“.

Според одредбите на американскиот устав, Камала Харис по раѓање е Американка.

„Според мое мислење, случајот е затворен“, рече Џејсон Милер, еден од советниците во изборниот тим на претседателот Доналд Трамп, во изјава за телевизијата „АБЦ“.

Во исто време, и Марк Медоус, шеф на кабинетот на Доналд Трамп, изјави дека сенаторот Камала Харис ги исполнува условите за извршување на функцијата потпретседател доколку Џо Бајден биде избран за претседател.

Медоус изјави за Си-Ен-Ен дека е загрижен за лево-центристичките ставови што ги претставува Харис – и претседателот Трамп и републиканците се спротивставуваат на тоа.

Кампањата на претседателски кандидат, Џо Бајден, ги отфрли тврдењата дека сенаторот Харис не ги исполнува условите.

Со години Трамп промовираше тврдења дека поранешниот претседател Барак Обама не може да ја извршува претседателската функција затоа што е роден во Кенија, а не на Хаваи. Минатата недела тој ги означи сомнежите за соодветноста на сенаторот Харис како многу сериозни.

„Слушнав дека не ги исполнува потребните критериуми. Не знам дали е тоа точно. Верувам дека демократите го провериле тоа пред да ја изберат да се кандидира за потпретседател. Но, тоа е многу сериозно … Вие велите дека тврдат дека таа не е квалификувана затоа што не е родена во оваа земја“, рече Трамп во петокот.

Џена Елис, постар правен советник во кампањата на Трамп, го привлече вниманието кон тврдењата за можна несоодветност на Камала Харис за извршување на потпретседателската функција. Минатата недела таа истакна дека Харис не е во можност да се кандидира за заменик претседател, заради имиграцискиот статус на нејзините родители во моментот на раѓањето.

Тоа го засноваше на обвиненија направени во „Њузвик“ од Џон Истман, професор по право на универзитетот Чепмен во Калифорнија.

Во текстот на авторот, тој иницираше тврдења во кои се поставува прашањето дали родителите на Камала Харис биле државјани на САД во моментот на нејзиното раѓање – или дали биле посетители со привремен статус. Што, според неговите тврдења, би значело дека е можно Харис, со раѓање, како што наведува таа, да не била во целосна надлежност на Соединетите Американски држави, туку на некоја друга држава или држави.

Сепак, нејаснотиите во врска со тоа дали сенаторот Харис ги исполнува критериумите за потпретседателската позиција беа разјаснети од Џејсон Милер и Марк Медоус, додаде „Гласот на Америка“.