САД нема да испраќаат војници да се борат во Украина, изјави координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби во коментарот на повикот на францускиот претседател Емануел Макрон до сојузниците „да не бидат кукавици“.
„Нема да ги анализирам зборовите на претседателот Макрон. Мислам, тој сигурно го има секое право и способност да зборува за себе и своите ставови. Сè што можам да направам е да зборувам за претседателот Џо Бајден“, рече тој, кога беше побарано да го коментира повикот на францускиот претседател Емануел Макрон до сојузниците да не бидат кукавици.
„Тој, исто така, беше многу јасен од самиот почеток на оваа војна. Нема да има американски трупи кои се борат во Украина“, истакна официјалниот претставник.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски не бара од сојузниците да испратат војници во Украина, нагласи Кирби.
„Претседателот Зеленски не го бара тоа. Тој никогаш не побарал странски војници да се борат за неговата земја. Тој и неговите војници сакаат да го прават тоа, но ним им треба оружје и тоа е она со што треба да се помогне“, рече тој.
Францускиот претседател Емануел Макрон на состанокот во Париз со кој претставници на околу 20 западни земји, ја подигна тематаза потенцијалното распоредување војска од западните земји во Украина. Според него, учесниците не постигнале консензус за ова прашање, но ваквото сценарио не може да се исклучи во иднина. По конференцијата, претставниците на повеќето земји-учеснички изјавија дека не планираат да испраќаат војници во Украина и, згора на тоа, се противат на нивното учество во воени дејствија против Русија.