Белата куќа им одговори на американските дипломати кои го потпишаа протестното писмо за уредбата на претседателот Доналд Трамп за забраната за издавање на визи за влез во САД на државјаните од седум муслимански земји, порачувајќи им да го преиспитаат нивниот став и да ја прифатат програмата или да си заминат од нивните функции.
Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер истакна дека документот што го потпишале дипломатите е „полн со претерување“.
– Мислам дека тие треба да ја прифатат програмата, или можат да си одат, заклучи Спајсер.
Американските медиуми претходно јавија дека одреден број американски дипломати подготвиле меморандум во кој се критикува привремената забрана за влез во САД за државјаните од седум мислимански земји, што Трамп неодамна ја потпиша.
Дипломатите, во писмото на Стеј департментот, навеле дека таа забрана нема да ги направи САД побезбедни и дека таа не соодветствува со американските вредности.
Исто така нагласиле дека забраната нема да доведе до намалување на терористичките напади во САД, туку наместо тоа „до намалување на меѓународната добра волја кон Американците“.
Неименуван американски претставnик истакна дека неколку стотици дипломати го потпишале меморандумот и дека тој ќе биде доставен подоцна денеска.