Белата куќа категорична дека самитот ќе се одржи и покрај обвиненијата за Руси

Средбата на врвот меѓу американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин ќе се одржи според планираното, и покрај подигнатите обвиненија проти Руси за наводна вмешаноста во американските претседателски избори во 2016 година, објави во саботата Белата куќа.

Челниците на двете супер сили, чија средба со нетрпение ја очекува целата светска јавност, ќе разговараат во понеделник во финската престолнина Хелсинки.

„Самитот ќе се одржи“, изјави во саботата портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс за новинарите.

Нејзината изјава всушност е одговор на барањата на некои американски политичари, претежно од неолиберланата струја, повикаа на одложување на самитот откако во САД во петокот беше подигнато обвинение против дванаесет Руси за наводно мешање во американските избори во 2016 година. Од друга страна, пак, Русија објави дека се радува на средбата.

„Сметаме дека Трамп е наш партнер со кој можеме да преговараме. Билатералните односи се во многу лоша состојба. Мораме да ги поправиме“, изјави за новинарите советникот во Кремљ, Јуриј Ушаков.

Објавувањето на веста дека Руси се обвинети за наводно хакирање на функционери на американската Демократска партија во текот на кампањата за претседателските избори во 2016 година што наводно му помогнало на републиканецот Доналд Трамп „неочекувано“ да ја победи нивната кандидатка Хилари Клинтон, предизвика нова вербална војна меѓу Вашингтон и Москва,

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за „очаен обид како дел од заговор“ за да се „расипе атмосферата“ пред самитот во Хелсинки. Москва уште еднаш повтори дека не се приложени никакви докази коишто споменатите руски функционери и граѓани ги поврзуваат со наводното хакирање или воено шпионирање, како и дека станува збор за продолжување на антируската хистерија која е плод на внатрешнополитичките проблеми во самите САД.

Претходно во петокот заменикот на американскиот специјален обвинител Род Розенстејн изјави дека „цел на заговорниците било влијание на изборите“. Обвиненијата се резултат на настојувањата на специјалниот обвинител Роберт Мјулер во истрагата за наводната руска вмешаност во американскиот изборен систем и поврзаноста на кампањата на Доналд Трамп со владата во Москва.

Неколку часа пред обвинението да биде објавено, Трамп истрагата на Мјулер а опиша како „наместен лов на вештерки“ за да им се наштети наамериканско-руските односи.

Во петокот американската сојузна голема порота подигна обвинение против дванаесет руски воени разузнавачи поради наводно хакирање на компјутерската мрежа на претседателската кандидатка Хилари Клинтон и нејзината Демократска партија. Документите коишто ги објавуваше мрежата WikiLeaks предизвикаа серија оставки во врвот на партијата поради нивната содржина со којашто се омаловажуваше против кандидатот на Клинтон за партиската номинација Бен Сандерс и се излагаа планови за негово дискредитирање во медиумитe. Од WikiLeaks тогаш објавија дека никогаш не соработувале со руското разузнавање и дека споменатите компромитирачки материјали ги добиле од други извори.

Челникот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, во петокот го повика претседателот Трамп да го откаже самитот со Путин, а шефицата на демократите во Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, побара од Трамп да договори со Путин „да престанат континуираните руски напади врз нашата демократија“.

Ушаков во саботата истакна дека „целта на самитот е да започне обновувањето на оваа негативна состојба во билатералните односи, да се постигне договор за конкретни мерки тие да заздрават и да се воспостави горе-долу прифатливо ниво на доверба“.

„Би сакале овие преговори да придонесат во воспоставување на атмосфера којашто би овозможила разговори за продолжување на контактите, вклучително и меѓусебни посети на Москва и Вашингтон“, додаде советникот за надворешна политика на Кремљ.

Двајцата челници на самитот ќе разговараат во четири очи, при што покрај нив ќе бидат само преведувачите, а потоа на работниот ручек ќе им се приклучат и делегациите. Состанокот е предвиден за 10 часот по гринич во Хелсинки, и нема предвидено времетраење, барем не од руска страна, појасни Ушаков.

Истовремено со разговорите меѓу Трамп и Путин, средба ќе имаат и шефовите на дипломатиите, Мајк Помпео и Сергеј Лавров, Засега не е предвидена никаква заедничка изјава, но двајцата претседатели ќе одржат конференции за новинарите.

Во мај 2017 година Роберт Мјулер беше именуван да ја преземе истрагата, којашто претходно ја водеше Федералното биро за истраги (FBI) кое беше обвинето за пристрасност во врска со претходната истрага за злоупотребата и кршењето на законот од страна на Хилари Клинтон како шефица на дипломатијата којашто користела приватен сервер и електронска пошта за доверлива официјална комуникација. Истрагата на Мјулер треба да утврди дали Русите се мешале во американските избори и дали лица од кампањата на Доналд Трамо биле во дослух со Москва. Претходно во неговата истрага беа обвинети три компании и 20 лица, меѓу кои четири поранешни соработници на Трамп и Белата куќа, како и 13 државјани на Русија, кои се сомничат за учество во „прикриена, но силна кампања на социјалните медиуми за да се влијае врз американското јавно мислење на изборите во 2016 година“.