Американскиот претседател Доналд Трамп одобри вооружување на курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG) во Сирија, соопштија претставници на Белата куќа.
Американскиот сојузник Турција, инаку, ги смета Единиците за заштита на народот (YPG) за терористичка организација блиска на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), и оваа одлука бездруго ќе ја разгневи Анкара.
„Одобрено е финансирање помош за YPG. Одобрувањето стапува на сила веднаш, но рокот за испорака уште треба да биде одреден“, рекол неименуван функционер, пренесува AFP.
Соговорникот не го прецизирал типот на оружјето кое ќе биде употребувано во обидот за освојување на градот Рака, главното упориште на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава во Сирија.
Оваа одлука на Вашингтон во полза на курдската милиција, којашто е ударната сила на арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF), ќе предизвика реакции во регионот, особено од Турција која е сојузничка на САД во НАТО.
Неколку часа пред објавата за снабдување на YPG, американскиот државен секретар за одбра Џим Матис изјави во данската престолнина Копенхаген дека САД ќе ѝ се придружат на Турција во воените операции за заземање на Рака.