Ваквото соопштение, според американските медиуми, е спротивно на досегашните навестувања од новиот претседател на САД, Доналд Трамп дека тој нема да се спротивставува на ваквата политика на израелската влада.
Прашањето на градењето еврејски населби, на територијата што Израел ја контролира по војната во јуни 1967 година, е едно од најтешките и околу кое целосно се спротивставуваат Израел и Палестинците.
Повеќе од 600 илјади Евреи живеат во над 140 вакви населби на „палестинската земја“, кои според меѓународното право се третираат како „илегални“, што владата на Израел не го прифаќа.
Актуелната влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху, која енергично го поттикнува градењето на населбите, се судри околу ова со претходната американска администрација на Барак Обама, но израелскиот премиер не го криеше своето заоволство со смената во Вашингтон и со влегувањето на Трамп во Белата куќа.
Во средата, Нетанјаху соопшти дека продолжува изградбата на нови населби со повеќе од илјада нови станови, што претставува досега најголем зафат на овој план, во поново време.
Официјален Вашингтон кој со последното соопштение најавува дека би можело да дојде до промена на досегашната позиција на претседателот Трамп, откри дека прашањето со еврејските населби ќе биде на дневен ред на разговорите на претседателот на САД и на премиерот на Израел во текот на нивната средба во Белата куќа, подоцна овој месец.