Белата куќа во четвртокот изрази загриженост бидејќи про-руските сили во Украина, користат „напредно оружје увезено од надвор“ со кое го срушија украинскиот воен хеликоптер.
„Вознемирени сме поради продолжување на насилството во Источна Украина, вклучувајќи ги и извештаите дека сепаратистите собориле украински воен хеликоптер. Сега не можеме да ги потврдиме деталите од овие извештаи, но сме загрижени што тоа укажува дека сепаратистите и понатаму имаат пристап до напредното оружје и друга помош од надвор,“ изјави портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни.
Вршителот на должност на украинскиот претседател Олександр Турчинов тврди дека е користено оружје на преносен ПВО систем од руско производство, пренесува агенцијата АФП.
Воениот украински хеликоптер МИ-8 е соборен вчера со софистицирана ракета земја-воздух, а меѓу загинатите има и украински генерал.
„Неприфатливо е набљудувачите да бидат заробени и треба да бидат веднаш пуштени. Апелираме Русија да го искористи своето влијание на тие групи и да ги ослободат набљудувачите, да ги разоружаат и да ги вкучат во политичкиот процес,“ наведува Карни.
Про-руските сили потврдија дека во притвор држат четири набљудувачи на ОЕБС, наведува АФП.