На денешен ден, 26 април, пред 31 година, беше завршен процесот на осамостојување на нашата држава, преку обезбедувањето на монетарната самостојност и воведувањето на националната валута ‒ денарот. Иако не е јубилејна година, предизвиците коишто дојдоа од глобалното окружување се добар повод за да се потсетиме на патот што го изодевме за да ја обезбедиме монетарната самостојност, капацитетите кои ги изградивме и силата којашто ја поседуваме за да дадеме соодветен одговор во секоја ситуација.
Зборовите на Цицерон „Силните не потклекнуваат пред предизвиците ‒ Fortis est non pertubaris in rebus asperis“ соодветно го опишуваат нашиот пат како институција и општествен чинител за изминатите години независност. Од почетокот на монетарното осамостојување поминавме низа премрежиња, со кои успешно се справивме станувајќи посилни и втемелувајќи ги нашите капацитети како централна банка. Хиперинфлацијата на почетокот на деведесеттите, рецесијата, недоволното ниво на девизни резерви, депрецијацијата на домашната валута и макроекономската нестабилност се предизвиците со кои се соочивме во првите години од независноста на монетарниот систем. Одговор на ова беше воведувањето на стратегијата на стабилен девизен курс на денарот во однос на германската марка во 1995 година, а од јануари 2002 година, курсот на денарот се врза за еврото. Оттогаш, стратегијата на фиксен девизен курс е сидро на стабилноста на македонската економија.
Стабилноста на денарот беше зачувана и по налетот на последните неколку последователни кризи од невидени размери, пандемијата предизвикана од вирусот ковид-19, енергетската криза и војната во Украина. Народната банка презеде одлучна акција за зачувување на стабилноста и преку низа мерки и алатки, соодветно им одговори на кризите коишто ги почувствува речиси секоја економија во светот. За овој период девизните резерви постојано се одржуваа беа на соодветното ниво. Банкарскиот систем ѝ даде и ќе ѝ поддршка на економијата, а тоа е возможно поради тоа што тој и натаму е силен благодарение на соодветните политики коишто се водеа низ годините. Во услови на глобална инфлација, највисока во изминатите неколку декади, Народната банка му е бескомпромисно посветена на исполнувањето на својот основен мандат ‒ одржувањето на среднорочната ценовна стабилност преку стратегијата на стабилен денар. И натаму ќе ги користиме сите инструменти и мерки коишто ни се на располагање за да ја исполнуваме доследно нашата основна цел.
За успешно остварување на нашата цел, особено во вакви кризни времиња, најважен е институционалниот капацитет. Низ годините постојано ги јакнеме капацитетите на Народната банка и вложуваме во нашиот највреден ресурс, луѓето. Народната банка секогаш била институција за пример во однос на ангажирањето квалитетни кадри, но и нивна постојана едукација и унапредување на нивните вештини. Но, не само во земјава, квалитетот на нашите кадри е признат меѓународно, од голем број научни и финансиски организации.
Веруваме во вложувањето во научната мисла и труд, како двигатели на економскиот развој, бидејќи одењето чекор понапред е она што додава вредност во економијата. Оттаму е и нашата заложба да бидеме дел, но и двигател на научно-истражувачката заедница во земјава.
Долг пат изодевме, многу предизвици пребродивме, но имаме уште многу предизвици пред нас. Евроинтеграцискиот пат, дигитализацијата во финансискиот сектор којашто е значајна за полесен пристап до финансиите, но истовремено ја нагласува и потребата за поголема финансиска писменост и заштита на корисниците на финансиските услуги, олеснувањето на зелената транзиција преку зајакнувањето на зеленото финансирање, се пред нас и наметнуваат понатамошно унапредување на нашите капацитети за им дадеме одговор на новите потреби и времиња. Предизвиците се пред нас и тие ќе нѐ направат посилни и подобри.