Белгија го откри првиот случај на новата варијанта на коронавирусот во Европа

Во Белгија го идентификувале првиот случај на новата варијанта на коронавирусот SARS-CoV-2 во Европа, кој првпат беше откриен во Јужноафриканската Република, соопштено е во петокот.

Вирологот Марк Ван Раст, чијашто лабораторија соработува со белгискиот завод за јавно здравје „Sciensano“, напиша на Twitter дека варијантата засега означена како B.1.1.529 е откриена кај патник кои се вратил во Белгија од Египет на 11-ти ноември. Лицето првите симптоми ги развило на 22-ри ноември.

Претходно Ван Раст, исто така, на Twitter објави дека „анализираат два сомнителни примерока“. Додаде дека примероците предизвикале сомневање, бидејќи не станувало за делта варијантата на коронавирусот, којашто ги сочинува речиси сите случаи на заразата во Белгија.

Велика Британија предупреди во петокот дека новата варијанта на коронавирусот којашто се шири во Јужноафриканската Република е причина за голема загриженост и дека научниците сметаат дека е најзначајната појавена досега, бидејќи вакцините би можеле да бидат значителни помалку ефикасни против неа.