Белгиските власти известија дека оваа година во земјата забележале повеќе од 13.500 смртни случаи повеќе од просекот во однос на претходната година, пренесуваат во саботата локалните медиуми.
Земјата со 11,5 милиони жители е особено тешко погодена од пандемијата на коронавирусот. Во Белгија е евидентирана една од највисоките стапки на смртност во Европската унија.
Таканаречениот „вишок на смртноста“ до крајот на годинава ќе биде и повисок отколку што е сега. Според податоците на здравствената организација Sciensano, само во текот на изминатата седмица секојдневни просечно починале 115 жители на Белгија.
Во периодот меѓу 1-ви јануари и 22-ри ноември починале 111.034 Белгијци, што е во просек 13.657 повеќе отколку во претходните три години, пишува белгиската новинска агенција Belga, додавајќи дека овие бројки го одразуваат поширокиот тренд во ЕУ. Притоа се забележува дека по делумното затворање во ноември стапката на заразата во Белгија забавила.
Статистичкото биро на Европската унија претходно годинава извести дека во 26 земји членки на ЕУ во текот на првиот бран од пандемијата на коронавирусот, меѓу март и јуни починале речиси 170.000 луѓе повеќе од просекот на претходните четири години.