Белгија нема да и обезбеди на Украина борбени авиони Ф-16 бидејќи леталата се премногу стари, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на изјави на претставници на Министерството за одбрана. Се прецизира дека белгиските „ловци“ имаат минато премногу часови на лет.
Според претставниците на Министерството, на Киев не може да му се даде опрема што белгиската војска не би ја користела. Белгија очекува постепено да ги замени своите ескадрили Ф-16 со најсовремени Ф-35, а првите испораки се закажани за крајот на оваа година. Се очекува земјата да добие вкупно 34 борбени авиони од најновата генерација.
Експерти од областа на одбраната објаснуваат дека белгиските ловци се искористени до тој степен што на трупот се забележуваат знаци на опасно абење и пукнатини. Додаваат дека тоа би ги загрозило животите на украинските пилоти и во овој случај треба да се третираат како лекови со поминат рок, кои се фрлаат наместо да се испраќаат во сиромашните земји.
Белгија беше меѓу првите земји во светот што и обезбеди на Украина помош за самоодбрана против руската инвазија на почетокот на минатата година. Белгиските власти обезбедија хаубици, оклопни транспортери, автоматско оружје, муниција, гориво и медицинска опрема.