Во првиот меч од Групата Г на Светското фудбалско првенство селекцијата на Белгија убедливо во Сочи во понеделникот ја совлада Панама со 3: (0:0).
Погодоците за победниците ги постигнаа Дри Мертенс во 47 минута, а двоен стрелец беше најдобриот белгиски голгетер Ромелу Лукаки во 69 и 75 минута. Белгија, којашто важи за еден од ткн фаворити од сенка, дури во второто полувреме успеа да го урне бункерот на Панама, со одлучниот погодок на Мартенс.
Во текот на првото полувреме Белгија ја контролираше играта и имаше надмоќ, но многу ретко успеваше да му се закани на панамскиот голман Пенеда, иако средбата можеше да почне поволно за „Црвените ѓаволи“ уште на самиот почеток, но по убавата акција во којашто топката одеше од нога на нога од десната на левата страна следеше преслабиот шут на Караско кој панамскиот голман лесно го скроти. До крајот на полувремето Белгија создаде уште само две добри можности за постигнување гол, во 21 минута панамскиот капитен Торес во последен момент ја исфрли топката пред Лукаку кој ја чекаше топката на втората статива, додека ударот на Мартенс од врвот на шеснаесетникот во 40 минута профучи крај стативата.
Но Мартенс она што го пропушти кон крајот на првото полувреме, го поправи во воведните минути од второто. Одбраната на Панама успеа да пресече еден центаршут кон Лукаку, но топката идеално му легна на волејот на Мартенс, а напаѓачот на Наполи со одличен удар го погоди горниот десен агол на немоќниот Пенеда.
По примениот гол Панама се отвори и создаде добра шанса за израмнување во 54 минута, но обидот на Муриљо го блокираше голманот Тибо Куртоа. Белгија во периодот од 69 до 75 минута со два гола на својот прв стрелец Лукаку ја потврди очекуваната победа. Прво со глава од пет метри реализираше по нафрлувањето на Де Брујне, а потоа и стави точка на школскиот противнапад што го изведоа Де Бујне, Витзел и Азар.