Белгија подобра од Англија во натпреварот на резервистите

Фудбалерите на Белгија го осоија првото место во групата „Г“ на Мундијалот откако во натпреварот со Англија победија со 1:0, па во осминафиналето ќе играат против Јапонија. Белгија имаше максимален учинок од три победи, а Англичаните останаа со шест бода. Во вториот меч Тунис беше подобар од Панама со 2:1.

Како што се очекуваше, натпреварот помина без многу возбувувања, а на теренот истрчаа играчи кои на претходните мечеви беа на клупата. Сепак, Белгија беше поконкретна и одлучи да не калкулира. Во првиот дел Англичаните ја извадија топката од самата гол линија, откако на Пикфорд му испадна топката од раце па Кејхил мораше да спасува.

Борбата се ражести во второто полувреме. Победникот беше решен во 51 минута со голот на Јанузај. Кај Англичаните најактивен беше Рашфорд кој пред голот на Белгија, како и во 66 минута имаше сериозни шнаси за гол, два пати по асистенција на Варди. Белгијците во самиот финиш имаа шанса да го зголемат водството преку Мертенс и Фелаини, но англискиот голман беше поуспешен.

Англија како второпласирана во групата ќе игра против Колумбија во осминафиналето.