Експерти од Белгија престојуваат во посета на Македонија со цел да и помогнат на државата во управувањето со цврстиот отпад и отпадните води.
Тие денеска пред македонските претставници ги презентираат искуствата што ги имаат во оваа област.
На семинарот што го организира Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со валонската Агенција за инвестиции при Владата на Белгија беа претставени политиките во областа на цврстиот отпад во регионот Валонија во Белгија.
„Ќе разговаравме за продлабочување на соработката меѓу владите на Македонија и Белгија во делот на животната средина, особено за интегрираното управување со отпад во Југозападниот регион и во жешките точки во Македонија. Имаме 16 жешки точки, а денеска ќе разговараме за осум,“ изјави заменик-министерот Стево Темелковски пред почетокот на средбата.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање се надеваат дека покрај размената на искуства на ниво на државни институции, семинарот ќе придонесе и за подигнување на свеста кај другите чинители кои делуваат во овој сектор, како и кај претставниците на бизнис заедницата.
Денешниот семинар е резултат на плодната билатерална соработка меѓу Македонија и Белгија.
Извор: МИА