Белгискиот Универзитет во Гент (UGent) ги прекинува врските со три израелски образовни и истражувачки институции поради тоа што повеќе не се усогласени со политиката за човекови права на Универзитетот, изјави ректорот Рик Ван де Вале.
-Прекинати се врските со Технолошкиот институт Холон, Истражувачкиот институт МИГАЛ Галилеја и Центарот Волкани, што врши земјоделски истражувања. Во моментов ги оценуваме тие три партнери како (многу) проблематични според тестот за човекови права на Универзитетот во Гент, за разлика од позитивната оценка што ја дадовме на овие партнери на почетокот на нашата соработка, посочи Ван де Вале.
Тој додаде дека соработката е прекината поради поврзаност со израелските министерства и поддршката на армијата во операциите во Појасот Газа.
Пропалестински демонстранти во Гент протестираа против израелската воена офанзива во Газа и окупираа делови од Универзитетот од почетокот на мај.
Демонстрантите ја поздравија одлуката на Универзитетот во Гент, но ја оценија само како прв чекор. Тие најавија дека ќе продолжат со блокада на делови од образовната институција „додека Универзитет не ги прекине врските со сите израелски институции“.