Во чест на актерските легенди на југословенската и српската кинематографија, белградскиот плоштад Славија, по углед на Холивуд, има своја ѕвездена патека.
Петнаесет познати имиња, меѓу кои и Бата Живојиновиќ, Данило Бата Стојковиќ, Ружица Сокиќ, Драган Николиќ, Милена Дравиќ, Соња Савиќ, Бора Тодоровиќ, Мира Ступица „блескаат“ на едно од главните платоа на главниот град.
На вториот дел од платото се наоѓа Плоштадот на љубовта, посветен на актерската и љубовна двојка – Милена Дравиќ и Драган Николиќ. Опкружени со метални срца, прегрнати, речиси во природна големина ги чекаат заљубените сограѓани и гостите на Белград да закачат клуч или катанец на виолетовата конструкција, како симбол на вечна љубов.
На плоштадот е поставен автобус брендиран со лица од југословенската и српската кинематографија, како и ѕид со реплики, на кој посетителите ќе ги напишат своите коментари и речениците по кои паметат своите омилени херои.
Плоштадот на актерските легенди, најверојатно, ќе стане нова туристичка атракција во Белград.