Белград: Обвинетиот за масовното убиство рече дека заслужува смртна казна

Урош Блажиќ, обвинет за масовни убиства во две села во близина на Белград на 4 мај минатата година, побара најстрога казна во својот завршен збор во понеделникот, велејќи дека сака да се искупи за своите гревови.

Денеска заврши доказната постапка за делото во селата Мало Орашје и Дубона на 4 мај 2023 година кога беа убиени девет млади, а ранети 12 лица, а во завршниот збор обвинетиот Блажиќ рече дека цела вечер беше во магла за него и дека не се сеќава на ништо.

Злосторството во овие села се случи само ден откако, на 3 мај, во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, 13-годишен ученик со пиштолот на својот татко уби девет соученици и вработен во училишното обезбедување, а рани уште пет ученици и еден наставник.

Тие две злосторства, невидени во поновата историја на Србија и поширокиот регион, предизвикаа бран од повеќемесечни протести „Србија против насилството“ чија организација од граѓанските движења ја презеде опозицијата и изведоа илјадници луѓе на улиците кои бараа социјална и институционална одговорност, додека владата опозицијата ја обви за злоупотеба и ги нарече „мршојадци со трагедии“.

Урош Блажиќ, обвинет за масовното убиство на девет млади лица, изјави дека нема мотив, објаснувајќи ја својата состојба со „вознемиреност“.

„Немам мотив. Тоа е некоја пореметеност. Некое зло. Во мене во тој момент…, како да не бев таа личност“, изјави пред судот Блажиќ тврдејќи дека „целиот живот глумел, правел жртва од себеси, умислувајќи дека никој не ме сака, дека сите ме мразат, а овие млади луѓе сакаа да ми помогнат“.

„Одбив да прифатам вина, извинете што не го кажав ова веднаш, туку дури сега. Јас сум одговорен и само јас сум виновен… Мојата судбина е во ваши раце, ја сакам најстрогата казна.. Свесен сум дека сум мртов човек“, додаде Блажиќ.

„Мислам дека за ова што го направив требаше да биде пократка постапка. Жал ми е што не живееме во некои постари времиња, тоа да биде смртна казна. Верувај ми, немаше А да кажам“, се изјасни Блажиќ пред судот.

Обвинителот Иван Конатар побара максимална казна од 20 години за Блажиќ,според законските одредби зашто во времето на извршување на делото немал 21 година, посочувајќи дека нема олеснителни околности.

„Не постои соодветна казна за вакво злосторство… Ова е чин на личност која не можела да направи ништо полезно и позитивно за ова општество. Ги обвинуваше сите други, но не себеси, се обиде од себе да направи жртва“, го цитираат обвинителот белградските медиуми кои известуваат од судењето.

Обвинителот завршниот збор го заврши со барање за максимална затворска казна од 20 години, со заедничка казна од 20 години за неговиот татко Радиша Блажиќ, кој е обвинет дека чувал оружје и муниција во куќата и со тоа, иако не е сторител, индиректно создал услови неговиот син да изврши масовно убиство.

Урош Блажиќ, освен за убиство на девет и ранување на 12 лица, се товари и за недозволено поседување и носење оружје, киднапирање и неовластено користење туѓо возило, бидејќи по убиството киднапирал таксист додека бегал.

Неговиот татко Радиша Блажиќ, Обвинителството го обвинува дека „се наоѓал во состојба на намален разум, но не и суштински“, набавувал оружје, делови од оружје, експлозиви и муниција, чие поседување со закон не им е дозволено на граѓаните. Тој се товари и за предизвикување општа опасност.

Урош Блажиќ, признавајќи ја вината, тврдеше дека неговиот татко нема врска со оружјето, што и тој самиот го негираше на суд.

Главниот претрес заврши денеска, а пресудата е закажана за 12 декември.