Белград повторно ја повикува БиХ во Отворен Балкан

Српскиот министер за транспорт Горан Весиќ во понеделникот повторно ја повика Босна и Херцеговина да му се приклучи на проектот Отворен Балкан промовиран од Белград како оптимален план за регионално поврзување, но властите во Сараево сметаат дека таа е против Берлинскиот процес поддржан од Европската унија.

Во Сараево, каде што престојуваше во официјална посета, Весиќ им рече на новинарите дека од гледна точка на Србија, приклучувањето кон Отворен Балкан е начин за забрзување на регионалната интеграција, бидејќи, како што тврди, Берлинскиот процес тече „премногу бавно“ со оглед на тоа што сите земји кои се приклучија на него мора да се согласат со предложените проекти.

„Нашата покана за Босна и Херцеговина останува отворена“, рече Весиќ, додавајќи дека Србија, исто така, планира да ја поврзе Босна и Херцеговина со два нови автопати кои веќе се градат на српската страна со цел да се обезбеди „никогаш подобра поврзаност“ меѓу двете земји.

Во Отворен Балкан, воспоставен во 2019 година како еден вид „мини шенген“, освен Србија, засега се вклучени Албанија и акедонија, а овој проект беше промовиран со образложение дека треба да ја поттикне регионалната соработка и слободниот проток на стоки и луѓе меѓу земјите-членки. Проектот, инаку, го поздравија и му искажаа поддршка Соединетите држави.

Покрај Босна и Херцеговина, покана за членство беше испратена и до Црна Гора и Косово, но без позитивен одговор. Во случајот со Босна и Херцеговина, реакциите обично се поделени, бидејќи властите на Република Српска покажуваат голем интерес да ја поддржат оваа, како и секоја друга иницијатива што доаѓа од Белград.

Но, бошњачките и хрватските политичари се претпазливи затоа што го гледаат Отворен Балкан, во прв ред, како средство за реализација на политиките што се во интерес на Белград, односно доминацијата на Србија во регионот. Тие сметаат дека регионалната соработка ќе се реализира преку Берлинскиот процес започнат во 2014 година под покровителство на ЕУ.

Како дел од тој процес беше покрената иницијатива да се овозможи слободно движење во регионот само со лични карти, но во случајот на Босна и Херцеговина тоа е блокирано од страна на Република Српска, односно претседателот на тој ентитет, Милорад Додик, кој не сака да дозволи слободно движење на граѓаните на Косово со документи од поранешната јужна српска покраина која еднострано проглси независност во 2008 година со поддршка на западните земји. Избегнувајќи да ги спроведе веќе прифатените документи во рамките на Берлинскиот процес, Додик сега се обидува да ја натера Босна и Херцеговина да се приклучи на Отворен Балкан.