Најголемата прашума во светот ја голтаат повеќе од 9.000 пожари, а секоја минута огнената стихија уништува површина во големина од едно и пол фудбалско игралиште.
Ситуацијата во Амазонија стана толку алармантна што преминува во „меѓунардона криза“, е најновата реакција на политичарите. Францускиот претседател Емануел Макрон побара да биде на врвот од агендата на Самитот Г7, на кој викендов ќе биде домаќин.
„Нашата куќа гори – буквално“, напиша Макрон на Твитер. Но, брзо му одговори бразилскиот претседател Болсонаро, кој го обвини Макрон што пожарите ги користи за политички поени. Болсонаро, кој го нарекуваат и тропскиот Трамп многу не сака да се занимава со чувањето на „белите дробови на светот“. Причината за пожарите, Болсонаро ја виде во невладините организации, кои веќе не добиваат државни пари, а потоа призна и дека фармерите би можеле да ги подметнуваат.
Да, може да се и фармерите, секој е осомничен, но најголемиот сомнеж е кон НВО…Не ги обвинувам НВО, реков дека се сомневам. Проблемот што го имаме е недостаток на одговорност на медиумите во Бразил., рече претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро.
Фармерите можеби и добија премолчено охрабрување од десничарскиот претседател, кој уште претходно најавуваше дека Бразил мора да ја отвори Амазонија за бизнис интереси, да им дозволи на рударството и на дрвните компании да ги искористат природните извори.
Додека траат меѓународните обвинувања, од НАСА објаснуваат дека пожарите кои ги горат белите дробови на планетата, предизвикуваат неверојатна промена на климата.
Пожарите директно ја горат амазонската прашума и го ослободуваат јаглеродот од тие дрва. Јаглеродот потоа влегува во атмосферата како јаглерод диоксид или метан, кој ги создаваат стакленичките гасови, што придонесуваат за климатските промени, за потопла и посува планета, вели доктор Даг Мортон, научник во НАСА.
А честичките од пожарите одат во белите дробови на луѓето, обајснуваат од НАСА.
Токму Амазонија е онаа која го забавува патот на глобалното затоплување. Оваа прашума ни создава петтина од кислородот кој го дишеме. Нејзините тропските дождовни шуми и савани создаваат 20% од свежата вода во светот. Дом е на три милиони растенија кои се користат во медицината за лекови. Не заштитува од многу опасности за кои не сме свесни дека постојат. Доколку биде уништена, светот ќе се соочи со катастрофа од невидени размери, крај на светот што го знаеме.