Со манифестацијата „Бело лето“ од денеска официјално почнува летната туристичка сезона во Охрид. Во рамки на манифестацијата, која ќе трае до 5 јули, втор пат годинава ќе се одржи и интернационалниот, мултикултурен уличен фестивал „Баскерфест“. Централниот настан ќе биде утре на „Белата ноќ“, со концерт на „Слаткаристика“, Тајзи и „Саунд месинџерс“.
Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид Ѓоко Апостолов истакна дека со „Бело лето“ ќе бидат најавени сите летни активности за збогатување на туристичката понуда во градот.
– Се надеваме дека тоа ќе биде доволна причина што поголем број туристи да го посетат нашиот туристички бисер, истакна Апостолов.
Предвидено е, на малиот плоштад да има презентација на традиционални занаети и вештини во соработка со неколку невладини организации и здруженија на занаетчии.
На вториот Баскерфест во Охрид ќе настапат настапат 40-тина уметници, магеоничари, кловнови, ќе има огнено шоу, музика во живо, улични танчери и други креативни активности, а за главна атракција се најавува одењето по жица на Крис Бул. Уличните уметници своите перформанси ќе ги изведуваат на Градскиот плоштад и на плоштадот Чинар.
Согласно програмата за одржување празници и манифестации денеска и на 5 јули угостителските објекти ќе работат со продолжено работно време, додека утре на традиционалната „Бела ноќ“ ќе бидат со неограничено работно време.