Првото бело знаме, како симбол на чисто и еколошко третирано крајбрежје на Охридското езеро, ќе му биде врачено на претседателот Ѓорѓе Иванов на петти октомври, во хотелот Инекс Горица во Охрид.
Врачувањето на белото знаме (white flag internаtional) ќе се одржи во присуство на голем број домашни и странски гости, како и дел од дипломатскиот кор во Македонија.
Тоа ќе биде поставено на јарбол на плажата на хотелот кој презема обврска во наредните години да се грижи за делот на крајбрежјето според строгите правила на брендот.
Основоположник на брендот white flag international е организацијата GUWAA (глобална подводна асоцијација) и нејзиниот претседател, Кристијан Чуравиќ.
GUWAA практикува чистење единствено со помош на обучени нуркачи и без користење на било каква механизација која би можела да го наруши екосистемот.
Активностите во земјава ќе се водат преку планирани акции на нуркачите, преку едукативни предавања во училиштата, како и преку континуирани настапи во медумите. Овој проект е добар за да се промовира туризмот во земјава, а воедно има значење и за подигнувањето на свеста за заштита на водите од национални и светски размери.