Белорусија ги исполнила сите преземени обврски во областа на безбедноста во рамките на Сојузната држава (со Русија) изјави во петокот белорускиот претседател Александр Лукашенко во текот на средбата со рускиот колега по должност Владимир Путин во резиденцијата Ново-Огарево крај Москва.
„Сѐ за што се договоривме (…) пред околу три месеца во сферата на одбраната и безбедноста, белоруската страна го исполни сто процентно минатата година. Дури сторено е и повеќе“, рече Лукашенко.
Белорускиот челник во текот на разговорите ветил дека конкретно ќе се насочи на активностите во таа сфера. Лукашенко, исто така, додал дека Белорусија „со соодветен мала поддршка“ од Русија е подготвена да произведува некои единици во областа на воената авијација, пренесува агенцијата РИА.
Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. На тоа претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заеднички државен сојуз. Според Договорот за Унијата, секоја држава останува суверена, но на граѓаните на другата држава им дава право на престој и државјанство. Унијата промовира економска интеграција, но пред две децении пропаднаа обидите за воспоставување заедничка валута. Потписничките се должни и една на друга да ѝ помогнат во случај на напад од трета земја.
Според овој договор, активна е обврската за формирање заедничка регионална борбена групација. Ден претходно Лукашенко објави дека во Белорусија до 15.000 руски војници изведуваат заеднички маневри со белоруските единици на територијата на земјата. Истакна дека, според претходниот договор со Путин, доколку дојде до воена агресија врз неговата земја, тие сили заедно ќе дејствуваат во одбраната заедно со белоруските трупи.
Лукашенко, кој во повеќе наврати ги отфрли обвинувањата од Киев и Западот дека од нејзината територија руските сили изведуваат упади во Украина но и предупреди дека власта во Киев обучува на украинска територија групи белоруски опозициски милитанти и странски платеници за предизвикување бунт во Белорусија пред средбата со Путин порача дека одговорот на евентуален напад врз неговата земја ќе биде жесток.
„Подготвен сум да се борам со Русија од територијата на Белорусија само во еден случај: ако само еден војник влезе на територијата на Белорусија да го убива мојот народ. Ако извршат агресија врз Белорусија, одговорот ќе биде најостар, а војната ќе добие сосема поинаков карактер“, рече Лукашенко за белоруската агенција Белта ден пред посетата на Москва.
Лукашенко притоа истакна дека Русија никогаш не барала од Белорусија да се вклучи во војната во Украина. Повтори дека присуството на руските единици на белоруска територија во рамките на споменатиот договор за заедничката државна формација е поради тоа што уште од 2021 година НАТО ги зголемува своите трупи на белоруските граници.
Во петокот Лукашенко додаде дека Белорусија и Русија „јасно ги наведуваат“ сите параметри на регионалната борбена групација на Унијата, и дека тие информации „не се кријат“. Притоа потврди дека на белоруските аеродроми во моментов има големи групација на руските воздухопловни сили кои од 16-ти јануари до 1-ви февруари одржале заеднички полетно-тактички обуки.
На почетокот од февруари државниот секретар на Унијата, Дмитриј Мезенцев објави дека во 2023 година Москва и Минск ќе започнат со спроведувањето на три заеднички програми во областа на одбраната и безбедноста. Тие беа развиени „под притисокот“ на Западот и влошувањето на „воено-политичката“ ситуација во Источна Европа, додаде Мезенцев.