Ослободен се речиси сите приведени во Белорусија изминатата седмица обвинети дека учествувале во неодобрените масовни протести против резултатите од претседателските избори, соопшти во понеделникот белоруското јавно обвинителство.
„Државното обвинителство, во соработка со министерството за внатрешни работи, ги ослободи граѓаните административно приведени за нарушување на прописите за учество во неодобрени масовни настани. Практично сите овие лица се ослободени“, се наведува во соопштението.
Притоа, белоруското обвинителство го објавува и списокот на сите кои се ткн административен притвор, а кој според најавата ќе биде „ажуриран и дополнет“. Според министерството за внатрешни работи, пак, 122 лица остануваат во притворските оддели, приведени по протестите.
„До 14 часот во изолација во привремените притвори на територијалните полцииски оддели на републиката остануваат 122 лица. Активностите за ослободувањата продолжуваат, информациите постојано се ажурираат“, се наведува во соопштението на белоруското минситерство за внатрешни работи.
Јавното обвинителство во Минск објави и дека Истражниот комитет ќе спроведе „целосни и сеопфатни проверки“ на сите поплаки примени за злоупотреба на службената должност од страна на полициските службеници, односно за пречекорување на овластувањата во поглед на прекумерна примена на сила.
„Во Јавното обвинителство се примаат голем број поднесоци за покренување кривични предмети по факти за злоупотреба на службената должност или службените овластувања од страна на службеници за спроведување на законот (…) Ваквите изјави се препраќаат до Истражниот комитет за оценување на основаноста. За секој поднесок ќе биде спроведена објективна, целосна и сеопфатна проверка за секој случај“, објавува белоруското обвинителство.
Во Белорусија на 9-ти август, веднаш по завршувањето на гласањето на претседателските избори, започнаа најмасовните протести и немири во земјата кои траат цела седмица, поради несогласувањето со изборните резултати на кои актуелниот претседател Александр Лукашенко го освои шестиот мандат со 80 отсто од гласовите, а неговата најголема конкурентка Светлана Тихановска, која пребега во Литванија, совои малку над 10 отсто од гласовите.
Опозицијата тврди дека е направена масовна кражба на гласовите и повикува на пребројување на гласовите, особено во некои региони. Западот кој со децении ја поддржува белоруската опозиција бара повторување на изборите со присуство на меѓународни набљудувачи од западните земји, иако ОБСЕ не испрати набљудувачи пред една седмица со образложение дека доцна биле покаленти. Изборите, инаку, ги следеа набљудувачи од земјите на Заедницата независни држави и други земји.
Протестите беа придружени со судири со полицијата, освен оној најмасовниот во неделата на кој според медиумските извештаи учествувале околу 100.000 демонстранти кој мина без инциденти и приведувањеа. Во текот на изминатите денови неофицијално се известува за две жртви, додека властите ја потврдуваат смртта на едно лице. Притоа повредени се над 120 полицајци и стотици демонстранти, а според полициските извештаи биле приведени околу 6.700 лица.