Белорусија порача дека не сака судир, бара од ЕУ да ги преземе мигрантите

Белорусија не сака судир со Полска но сака Европската унија да ги презема 2.000 мигранти кои се обидуваат од белоруската територија да влезат на полската, изјави во понеделникот претседателот Александр Лукашенко, откако од Варшава предупредија дека тензиите би можело да се разгорат.

ЕУ ја обвинува Белорусија дека наводно намерно ги довела трите илјади мигранти од Блискиот исток, најмногу Курди од Ирак, до границите со Полска, Литванија и Латвија, за да ја принуди Унијата да се откаже од еконмските санкции. Од Минск ги отфрлаат таквите обвинувања, и потсетуваат дека по неколку стотици мигранти секојдневно влегуваат во земјите од ЕУ преку Средоземното Море.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки предупреди во неделата дека мигрантската криза на границата со Белорусија би можело да биде вовед во „нешто многу полошо“, додека полската погранична служба повторно обвини дека наводно белоруската армија продолжува да ги носи мигрантите на границата.

Лукашенко во понеделникот изјавил дека не сака ескалација на состојбата и повторил дека мигрантите стануваат проблем на Белорусија иако нивна цел не е неговата земја туку ЕУ, пренесе службената новинска агенција БелТА.

„Мораме да им се обратиме на Полјаците, на секој Полјак, и да им покажеме дека не сме барбари, дека не сакаме судир. Не ни е потребен судир затоа што сфаќаме дека доколку сите одиме предалеки, војната е неизбежна. Тоа би било катастрофа. Тоа ни е целосно јасно и не сакаме никакви разгорување“, рекол Лукашенко.

Полска се закани дека ќе ја блокира железничката линија меѓу двете земји доколку ситуацијата не се подобри, но тоа би го блокирало транспортот на стоките од ЕУ за Русија и централна Азија, а Лукашенко порача дека таквите закани би можело да бидат бумеранг за Варшава.

„Железничкиот сообраќај во тој случај би требало да биде пренасочен низ источна Украина, која е воена зона“, предупреди белорускиот лидер.

Минатиот четврток Европската комисија и Германија јавно го отфрлија белорускиот предлог земјите во ЕУ да преземат 2.000 мигранти од Белорусија. Но во понеделникот Минск објави дека ЕУ веќе започнала технички преговори со Белорусија за репатријација на мигрантите.

Лукашенко претходно во понеделникот изјави дека мора да инсистира Германија да преземе некои мигранти и се пожалил дека ЕУ не комуницира со Минск за ова прашање.

„Го очекувам одговорот од ЕУ. Тие ниту го разгледуваат проблемот. Го нема ниту она што таа (германската канцеларка Ангела Меркел) мене ми го вети, односно контакти. Не комуницираме“, додал Лукашенко.

Според Лукашенко, Белорусија би вратила неколку илјади мигранти во земјите од кои дошле, и додал дека се прават подготовки дел од мигрантите да бидат вратени кон крајот на ноември. Повеќе од 400 Ирачани се испратени во татковината минатата седмица, што е првиот таков лет од август.

Група од околу 150 мигранти се обидела да ја пробие жичаната ограда близу селото Дубице Церкиевне во неделата, објави во понеделникот полската Погранична стража.

„Групи (мигранти( се обидуваат во такви работи, а белоруските сили се сѐ поагресивни“, тврди во објавата на Twitter Станислав Зарин, портпарол на полските вооружени сили.

Двајца Украинци се уапсени во неделата од страна на литванската гранична полиција откако дошле на гранциата за да ги организираат и да ги пренесат до друга точка. Станувало збор да група од 70 лица, се додава во информацијата од понеделникот.