Белорусија во вторникот повторно предупреди дека значителна групација украински војници се трупа покрај нејзината јужна граница и порача дека тоа преставува закана за нејзината безбедност.
„Во овој момент во непосредната близина на белоруско-украинскиот дел од границата концентрирана е значителна групација на украинската војска“, соопшти белоруското министерство за одбрана.
Од Минск повторни предупредуваат дека веројатноста од вооружени провокации, како во неколку случаи минатата година, кои можат да ескалираат во погранични инциденти, веќе извесно време е голема и оти поради тоа белоруските безбедносни сили ќе бидат присилени да преземат „соодветни мерки“. Притоа се истакнува дека Белорусија ќе дејствува на воздржан начин.
Белорусија е обвинувана дека наводно ѝ дозволила на Русија да ја користи нејзината територија за инвазијата во Украина, но претседателот Александр Лукашенко минатата седмица изјави дека неговата земја е подготвена тоа да го стори единствено доколку биде нападната.
Лукашенко ги отфрла наводните стравувања на Киев дека е загрижена дека Белорусија може да се вклучи во украинската војна на руска страна и со тоа ги оправдуваше упатувањето на голем број трупи кон белоруската граница. Белорускиот претседател, исто така, предупреди и дека Полска и Украина на границите на неговата земја распоредиле големи воени единици.
Белорускиот претседател Лукашенко изминатите месеци повеќепати изјави дека Минск поседува сознанија за планови на Киев и некои соседни земји на територијата на Белорусија да бидат уфрлени белоруски опозиционери обучувани во борбите на украинска страна со цел да заземат помал град и да предизвикаат граѓанска војна и можно соборување на белоруската влада. Во исто време, Државниот граничен комитет на Белорусија постојано бележи провокации од Киев. Пријавено е дека Украинците минирале патишта и мостови, вршеле зголемени патроли и соборувале беспилотни летала на вооружените сили на Украина на територијата на Белорусија.
На самиот крај од минатата 2022 година белоруските системи за противвоздушна одбрана соборија украински проектил од ракетниот одбранбен систем „С-300“ во регионот на градот Брест на југозападот од Белорусија на околу 570 километри од украинската престолнина Киев.
На почетокот од декември челникот на белоруското Министерство за одбрана, Виктор Кренин, како „непредвидлива“ ја оцени безбедносната ситуација во пограничните области кон Украина. Истовремено, додаде дека Минск внимателно ги следи групирањата на војски на НАТО на западните белоруски граници.