Белорусија пресретнала обиди за ракетен напад, Лукашенко наредил таргетирање и брз одговор

Белорускиот претседател Александр Лукашенко изјави во саботата дека Украина пред три дена се обидела да нападне воени објекти на белоруска територија, но дека противвоздушната одбрана ги пресретнала сите проектили, по што наредил војската да ги цели центрите на одлучување на непријателите на Минск за моментален одговор во случај на нов напад, пренесува белоруската новинска агенција БелТа.

Лукашенко, кој уште пред руската воена интервенција во Украина неколкупати предупредуваше за нарушување на белорускиот воздушен простор од страна на украинската војска, рече дека Белорусија не сакала војна со Украина и покрај провокациите од Киев, но дека ќе се бори доколку биде нападната нејзината територија.

„Нѐ провоцираат. Морам да ви кажам дека пред три дена, можеби ден повеќе, е направен обид за напад врз воени објекти на белоруската територија од територијата на Украина“. Не, фала му на Бога, противвоздушните системи ‘Панцир“ успеаја да ги пресретнат сите проектили коишто ги истрелале украинските вооружени сили“.

Лукашенко повтори дека, наспроти некои поранешни тврдења од Киев, Белорусија не учествува во борбите во, како што ја нарекува Москва, „специјалната воена операција“ во Украина.

Белорусија е обвинувана дека ѝ овозможила на Москва руските трупи да ја користат нејзината територија за продирањето во Украина, што Минск го негира.

„Сакам да ги предупредам ‘јастребите“ и отворено да ви кажам: пред малку помалку од еден месец им наредив на единиците на Вооружените сили (на Белорусија) да ги таргетираат… центрите на одлучување во вашите престолнини, со сите наредни последици“, рекол Лукашенко на свеченоста по повод Денот на независноста на земјата.

Предупредил дека доколку непријателите на Белорусија дури се осмелат да „нападнат, како што планираат, врз Гомел (на југот на земјата), врз рафинеријата во Мозир, или врз аеродромот во Лунинец или Брест, одговорот ќе биде секавичен, во истата секунда“.

„Имаме со што да одговориме, и тоа не само со она за што неодамна разговаравме со претседателот на Русија (Владимир Путин). Одамна се подготвував за такви нешто. Паметите ли, Зборував за ракетно производство? ‘Полонези’ (Полјаците), вие сте целосно под ударот на тие ракети. Нема да гледам кој е во канцелариите а кој седи во дворците. Ќе одговориме остро и одлучно“, за заканил Лукашенко.

Изминатиот викенд на Западот со вознемиреност беше проследена изјавата на рускиот претседател Владимир Путин во која навести дека Русија ќе ѝ испорача на Белорусија ракетни системи „Искандер-М“, кои можат да понесат и нуклерни боеви глави, како и модернизирани борбени авиони „Су-25“ на средбата со белорускиот колега по должност Александр Лукашенко во Санкт Петербург по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Во текот на разговорите пренесувани на телевизија Лукашенко на Путин му кажа дека Белорусија е загрижена за „агресивните, конфронтациски и одбивни“ политики на нејзините соседи, во прв ред Литванија и Полска, членки на НАТО и ЕУ.