Беловски: Повеќето медиумски работници се со потпросечна плата, а голем дел немаат ни работно време, ни осигурување

-Синдикатот на новинари и медиумски работници на Македонија, ССНМ, неодамна направи истражување за социоекономската состојба на новинарите. Резултатите не беа изненадување за нас оти ние тоа го живееме, но сега можеме емпириски да зборуваме, а не со емоции. Податоците се уште се сублимираат, засега ги имаме само главните сознанија. Тоа ќе бидат основите за нашите понатамошни барања, вели претседателот на Синдикатот на новинари и медиумски работници Павле Беловски во СТУДИО 10 на ТВ 24.

– Имавме првични сознанија дека нѐ има помалку – 3.460 работни позиции, но има и ситуации кога новинарите работат повеќе работни места. Не е добро да има мултитаскинг оти тоа значи да работиш повеќе, а да не бидеш платен за тоа, појаснува Беловски.

Тој вели дека 1072 новинари работат во традиционалните медиуми каде донекаде се регулирани работите, 698 новинари се во онлајн просторот, а оние кои се зад камерите се безмалку половина од сите но платите им се исклучително ниски. Новинарите се платени околу 50% под просечната плата.

– Ние би требало да сме четвртата власт, но сме со потпросечни плати. Најголемиот проблем ни е во онлајн секторот и во локалните и регионални радио станици. Локалните медиуми имаат едвај двајца вработени. Оние кои работат во онлајн просторот само 39% отсто се вработени, 20% од овие колеги немаат никакво осигурување, тие се во сферата на прекаријатот, вели Беловски.

Тој вели дека со ова истражување веќе има сознанија и може да им се помогне на колегите затоа што нивната финансиска состојба е исклучително лоша.

– Ако е решено егзистенцијалното прашање, ти можеш да учиш и работиш. Но, ако немаш пари да дојдеш на работа, како може да се очекува квалитет?, вели Беловски.

Вели дека настојувањето на ССНМ е зголемување на платите над просечните. За работодавците да не се чувствуваат оштетено, Беловски вели дека треба да помогне Владата со донесување олеснувања за работодавците за поголемо достоинство на новинарската професија.

-Пресметавме 49% отсто девалвација на нашите примања. Значи, би требало да бараме зголемување од речиси 50% на новинарските плати, вели Беловски кој повикува медиумите да направат прецизна систематизација според која ќе се знае по колку години работа се добива унапредување и зголемување на платите.