Поранешниот менаџер на Њукасл, Рафаел Бенитез ги обвини сопственикот на клубот Мајк Ешли и одборот на директори за неисполнети ветувања, што е главната причина за губење на довербата меѓу нив. Бенитез одби да го продолжи договорот, кој истече на крајот на јуни и се реши да започне со работа во Кина.
– Директорите на Њукасл имаа цела година да го решат случајот со мојот договор, но кога се сретнавме по завршувањето на сезоната тие не ми дадоа предлог што би можел да го прифатам. Тие ми рекоа дека не сакаат да инвестираат во академијата или во базата, но сакаа купување играчи до 24-годишна возраст. Сепак, нереално е со буџетот што клубот го располга, да се бори за место во топ 10. По нашата прва средба, бев сигурен дека нивната понуда нема да се промени, објасни Бенитез во својата колумна во „Атлетик“.
Она што клубот му го понудил, продолжува Бенитез, после 3 години работа било иста плата и помалку контрола врз трансферите. Тоа се нешта што не можел да ги прифати по 3 години неисполнети ветувања.
– Кога завршивме во Топ 10 во нашата прва сезона во Премиер лигата, сите во клубот добија финансиски бонуси, освен луѓето во мојот тренерски тим. Тоа беше казна затоа што не потпишав нов договор, додаде Шпанецот.
Пред неколку дена, клубот објави дека Бенитез си заминал затоа што сакал нереално високата плата што му била дадена во Кина, а Шпанецот беше заменет со Стив Брус.
Њукасл го загуби првиот меч од новата сезона во Премиер лигата против Арсенал на домашен терен со 0:1.