Бензинот поскапува за 2,5 денари, a дизелот за 2 денарa

Малопродажните цени на бензините од 95 и од 98 октани од утре ќе се зголемат за 2,5 денари за литар, додека малопродажната цена на дизелот и на нафтата за домаќинствата ќе поскапи за 2 денара по литар. Поскапува и мазутот, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Според одлуката, се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,9 отсто.

Така, по полноќ максималните цени на нафтените деривати во малопродажбата ќе изнесуваат:

Моторен бензин Еуросупер БС – 95 82,50 (денари/литар)
Моторен бензин Еуросупер БС – 98 85,00 (денари/литар)
Дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) 83,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 83,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 40,814 (денари/килограм)

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 7,084 отсто, кај дизелот за 4,546, кај екстра лесното масло за 4,351 и кај мазутот за 5,491 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка, пак, е понизок за 0,777 отсто.