Европската унија следната недела ќе се обиде да усвои нови санкции против Иран, како одговор на насилството на властите во оваа исламска теократска земја врз учесниците на масовните протести што беа предизвикани од смртта на младата Махса Амини, во притвор на иранската полиција за морал, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок.
-Работиме на следниот пакет санкции, рече Бербок.
Според неа, постои желба санкциите да бидат усвоени следната недела.
Амини (22) беше приведена на 13 септември поради неправилно носење на хиџабот- шамија, што според строгите религиозни прописи, Иранките мора да ја носат над главата, покривајќи ја целата коса.
Младата жена починала во притвор на 16 септември, а нејзините родители сметаат дека тоа е последица на тепањето кое иранските власти го негирале.
Нејзината смрт доведе до масовни протести, што оттогаш не се престанати и се меѓу најголемите со кои се соочува Иран од Исламската револуција во 1979 година.