Германија нема да биде против доколку Полска реши да ѝ ги испрати тековите „Leopard 2“ од германско производство на Украина којашто упорно ги бара, ако Варшава одобрува за тоа, изјави во неделата германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок од помалиот партнер во владејачката коалиција Зелените (Bündnis 90/Die Grünen), но не е јасно дали е тоа конечен став на целата Влада водена од канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократската партија на Германија (SPD).
„Доколку го побараат тоа од нас, нема да бидеме против… Засега барање не е испратено“, од Полска изјави за француската мрежа LCI во Париз, Бербок во врска со настојувањето на Варшава и без согласност на Берлин да му ги испорака на Киев тенковите од германско производство и без одобрување од Берлин.
Вообичаено, според договорите и меѓународните правила, за трансфер на оружје во трети земји потребна согласност од земјата производител. Од почетокот на руската инвазија во Украина, Германија го прекина децениското правило, поради своето мрачно минато во двете светски војни, да не испраќа оружје во зоните на конфликти.
Германската влада е под сѐ поголем притисок да ѝ ги испрати тешките офанзивни тенкови „Leopard 2“ во Украина, но во петокот на западниот форум за воена помош на Украина во американската воздухопловна база Рампштајн во западна Германија, канцеларот Олаф Шолц и новиот германски министер за одбрана Борис Писториус повторија дека е потребен консензус меѓи сојузниците за испраќањето на тенковите на Киев, алудирајќи дека има земји и кои се против тоа. Покрај тоа, Берлин својата согласност ја условува и со испораките на тешките американски тенкови „Abrams“, но Вашингтон засега не го разгледува тоа прашање објаснувајќи дека тие ќе претставуваат тешкотија за украинската армија, имајќи ја предвид големата логистика неопходна за нивно одржување.
„Сфатив колку тие тенкови се важни, за тоа сме потполни свесни“, додаде Бербок.
Полска и Финска предложија формирање алијанса и да ги испратат своите тенкови „Leopard 2“ од составот на нивните сили во Украина, но мора да добијат службено одобрување од Берлин за реекспорт.
Покрај тоа, засега не се споменува кој би управувал со германските тенкови, имајќи предвид дека украинските војници се обучени за војување со модернизираните тенкови од советско и руско производство.
Челникот на најголемиот германски производител на оружје „Rheinmetall“ соопшти уште пред две седмици дека би можеле на Украина да ѝ испорача ремонтирани тенкови од типот „Leopard 2“ најрано во 2024 година. Ремонтот на тенковите кои се на залиха чини неколку стотици милиони евра, а компанијата не може да започне со поправката пред да ѝ биде потврдена нарачката, рече за весникот Bild, извршниот директор Армин Папергер
Канцеларот Олаф Шолц досега не се изјаснуваше за испораките на германските тенкови во Украина од трети земји, како ниту за директна испорака од складиштата на германската армија. Повторно запрашан во неделата во Париз, на заедничката прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон, канцеларот не одговори јасно, само повтори дека за испраќањето на оружјата треба да постои договор си сојузниците на Украина.
Ова не е првпат министрите на екстремните Зелени во владата во Берлин, во прв ред Бербок, да инсистираат на поголема воена помош за Украина, отколку канцеларот и владејачките социјалдемократи кои повеќе се грижат за резултатите од анкетите кои укажуваат дека мнозинството Германци се противат на испраќањето тешки офанзивни оружја во Украина.
Некои воени аналитичари предупредуваат и дека со испраќањето на модерните западни оружја со најсовремена западна технологија во Украина се ризикува тие да паднат во рацете на руската војска, којашто потоа може да создаде средства за нивно ефикасно уништување.
На средбата во петокот во Рамштајн, западните воени поддржувачи на Украина го одложија решението по ова прашање, што предизвика гневни реакции од Киев кој ја критикуваше нивната „нерешителност.