Собранието ги стопираше финансиските бенефиции на Сали Бериша, поранешниот албански премиер, вклучително и неговата плата, бидејќи поранешниот премиер, кој е во домашен притвор, не учествуваше на ниту една од пленарните седници, состаноците на собраниските комисии или која било друга активност поврзана со него како пратеник.
-Врз основа на одлуката на Специјалниот суд против организиран криминал и корупција, во јануари му беа укинати додатоците кои му следуваат како пратеник, а сега и пратеничката плата. Бериша, кој е во домашен притвор од крајот на декември минатата година, доколку не успее да учествува на преостанатите седници до 11 јуни, го заокружува целосното отсуство во Собранието, што значи дека почнува постапката за губење на пратеничкиот мандат, објавија медиумите.
Пред да му биде изречена мерката „домашен притвор“ по барање на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, на Бериша му беше одземен пратеничкиот имунитет.
Него заедно со зетот за ќерка Џамарбер Малтези, СПАК ги товари за кривични дела поврзани со перење пари и корупција, извршени во соработка, околу приватизацијата на спортскиот комплекс „Партзан“ во центарот на Тирана. Малтези го добил тој простор, додека Бериша бил премиер и изградил неколку високотатници, остварувајќи добивка од над пет милиони евра.
Иако е во домашен притвор и може да комуницира единствено со лицата со кои живее во станот, тој на двапати је прекрши мерката, а секоја вечер пред зградата се собираат негови приврзаници на кои тој им се обраќа и ги повикува на „масовни протести за соборување на криминалната влада на премерот Еди Рама“.