Лидерот на фракцијата на албанската опозициска Демократска партија, Сали Бериша изјави дека нема да се откаже од протестот закажан на 6 декември и вети дека ќе избегне судир со полицијата.
Бериша на денешната редовна неделна средба со новинарите рече дека Уставот и го гарантира правото на опозицијата да протестира на булеварот „Народни херои“.
Тој го предупреди и албанскиот премиер Еди Рама, велејќи дека конфронтацијата со него ќе дојде подоцна.
– Ќе го спроведеме Уставот. Уставот строго го спроведуваме. Најавивме наш протест на булеварот, Уставот не овластува да протестираме на булеварот. Еди Рама сака конфронтација, ќе се обидеме да избегнеме конфронтација тој ден, но можеме да му резервираме кога сака, не тој ден. Многу погрешно ги прави пресметките. Опозиционерите добро се подготвуваат да му го дадат одговор што го заслужува, истакна Бериша.
Рама вчера зборувајќи за безбедносните мерки кои ќе се преземат за одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан, рече дека „за безбедносните мерки на денот на Самитот не се преговараат со никого“.
– За мерките за безбедност не се преговара со никого, за нив одлучува Совет на Европа. Секаде каде што има активност има стандардни мерки, нашите сили работат со организаторите на Самитот кои всушност долго време во СЕ се сметаат за безбедносни мерки, рече Рама.
Генералниот директор на полицијата Мухамед Румбулаку поканил на средба претставници на Демократската партија, на која им било образложено зошто не е дозволен протестот, но тие не отстапиле од најавата дека протест ќе има на 6 декември од 12 до 16 часот пред Владата во Тирана.
Според безбедноснте мерки, на плоштадот „Народни херои“ на 6 и 7 декември целосно е забрането движење на луѓе и возила, освен на оние со акредитација. За безбедноста ќе бидат ангажирани над 1500 полициски службеници од сите сектори.