Берлин: Европа ќе се соочи со уште поголем бегалски бран

Европа и Германија наскоро ќе се соочат со нов бегалски бран, кој ќе биде многу поголем од оној во 2015 година, изјави германскиот министер за развој Герд Милер.

– До нашите граници досега пристигнаа само 10 проценти од тој бран (бегалци), кој е започнат во Сирија и Ирак, нагласи Милер, додавајќи дека „во движење се меѓу осум и 10 милиони“ луѓе.

Како што јави Дојче Веле, Милер оцени дека оние бегалци кои сега доаѓаат во Европа „со години престојувале во шаторски населби, подруми и шупи, без струја и вода“.

– Срамно е што меѓунардоната заедница не е во состојба да им обезбеди преживување на овие луѓе на тие места, вели Милер.

Тој проценува дека во следните децении бројот на жителите во африканските држави ќе се зголеми двојно, поради што, според него, е потребна „сосема нова димензија“ на соработка на меѓународната заедница за да се спречи очекуваниот огромен бегалски прилив кон Европа.

– Во време на дигиталната техника и мобилните телефони сите знаат во каква благосостојба живееме ние (во Европа). Затоа мораме да инвестираме во образованието и развојот со цел на тие луѓе да им обезбедиме перспектива во нивните држави, смета германскиот министер за развој.

Милер изрази скепска во врска со барањата на неговата Христијанско социјална унија (ЦСУ) за воведување на лимит на бројот на бегалци што би можеле да бидат примени во Германија,

– Не можеме да подигнеме жичана ограда околу Германија и Европа. Независно што ќе решиме ние тука, тие луѓе нема да не прашаат дали да дојдат, нагласи Милер.