![lng terminal](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/07/lng-terminal.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Германскиот министер за економијата Роберт Хабек се пожали во средата на „астрономските“ цени кои ги бараат „пријателските“ земји од Германија, во прв ред САД, за испораките на гасот кој треба да ги замени испораките на енергенсот од Русија.
„Некои земји, дури и пријателските, бараат астрономски цени. Тоа е проблем“, изјави Хабек во разговорот за покраинскиот весник Neue Osnabruecker Zeitung објавен во средата.
Германскиот министер за енергија, притоа, ја повика Европската комисија „да разговара“ со тие земји.
По почетокот на војната во Украина, колективниот Запад наметна санкции против Русија без преседан, а главниот удар на Европската унија е насочен кон руските енергенси во настојувањата да се намали зависноста од нив.
Единствениот влез на рускиот гас во Европа летото остана гасоводот Северен тек 1 до Германија, кој поради дефекти и неможност да се ремонтираат деловите поради санкциите прво ги намали испораките а потоа и ги прекина. На крајот од септември на двата гасоводи Северен тек 1 и 2 се случија истекувања на гасот, за што Шведска и Данска тврдат дека се резултати на експлозии во акт на саботажа, што се заканува со можеби и траен прекин на руските испораки во Германија и Европа.
Германија пред санкциите увезуваше 55 отсто од своите потреби на гас од Русија. За да ја гарантира својата енергетска безбедност и да ја спаси германската индустрија којашто е голем потрошувач на гасот, владата во Берлин мораше да ги диверзифицира изворите снабдување и значително ја зголеми набавката на течен гас (LNG) чиј увоз е многу поскап.
Германија, како и целата Европа, се свртија кон САД, а европскиот увоз на течниот гас се зголеми во периодот меѓу 2021 и 2022 година од 28 на 45 отсто. Но Хабек особено се осврна на американските добавувачи.
„САД се свртија кон нас кога цената на нафтата експлодираше (…) Мислам дека таквата солидарност би била корисна и поради амортизацијата на цените на гасот“, вели Хабек.
Берлин истовремено ја повикува Европската унија да го координира купувањето на гасот за да се намали цената на енергенсот на европскиот пазар, којашто од минатата есен повеќепати поставуваше рекордни нивоа за повеќе од десет пати од минатите години.