Берлин поради хакерски напад врз Бундестагот бара санкции против Русија

Германската влада на земјите членки на Европската унија им предложила воведување нови санкции против Русија поради наводен кибернетички напад врз Бундестагот (парламентот) пред пет години, објави во неделата Германската новинска агенција (DPA).

„Германската влада поаѓа од тоа дека во хакерскиот напад врз ИТ мрежата на Бундестагот во мајх 2015 година бил вмешан службеник на разузнавачката служба на руската армија ГРУ. Поради тоа, владата на своите партнери од ЕУ им предложила воведување заеднички санкции против Москва“, пишува DPA повикувајќи се на одговорот кој пратеничката група на опозициската партија Левица го добила на прашање упатено до германската влада.

Германската влада бара воведување санкции, повикувајќи се на рамката на Советот на ЕУ од 2017 година, со којашто се овозможува воведување мерки за одвраќање од кибернетички напади.

„Германската владата предлозите за санкции против Русија ги поткрепи со обемен пакет докази до кои дошле истражните органи и со податоци од разузнавачките служби“, стои во одговорот на германската влада до пратеничката група на Левица.

Портпарол на Европската унија рекол дека земјите членки може да поднесуваат предлози за санцкии, за коишто потоа мора едногласно да одлучи Советот на ЕУ.

Германската канцеларка Ангела Меркел, којашто како што се покажа во минатото уште пред да дојде на должноста била повеќе од десет години цел на прислушување на американската Национална агенција за безбедност (NSA), своевремено потпирајќи се на резултатите од истрагата зборуваше за „невиден и скандалозен“ случај“ во врска со хакерскиот напад врв Бундестагот.

Портпаролот на пратеничката група на Левица за прашања за ЕУ, Андреј Хунко, смета дека воведувањето на санкциите е „погрешен одговор“ на ваквите напади. Тој, покрај тоа, ставува дека врската којашто води кон Русија можеби е „лажна и намерно поставена“. Таква можност, имено, се споменува и од некои експерти во САД во врска со наводното руско мешање во американските претседателски избори во 2016 година.

Главното државно обвинителство во Карлсруе на почетокот од мај подигна обвинение против рускиот државјанин Дмитриј Бадин кој е осоменичен дека како припадник на една хакерска група учествувал во нападот врз компјутерската мрежа на Бундестагот. Тогаш, како што се претпоставува, големо количество податоци, во прв ред електронската пошта на германските пратеници, е префрлена на еден сервер во странство.