САД се заканиле со воведување на царини на европските автомобили доколку Европејците не отворат процес против Иран поради кршењето на нуклеарниот договор, потврди германската министерка за одбрана.
„Таа закана постои“, потврди министерката за одбрана на Германија, Анегрет Крамп Каренбауер на прес-конференцијата во Лондон.
Германската министерка тоа го одговори откако ѝ беше побаран коментар за натписот објавен во „Вашингтон Пост“ во средата каде беше наведено дека „Трамп потајно им се заканил на Берлин, Лондон и Париз со воведување на 25% царини на европските автомобили“, доколку не отворат механизам за решавањето на спорот во врска со иранската нуклеарна програма.
Иранскиот нуклеарен договор беше потпишан во 2015-та година во Виена помеѓу Иран и групата 5+1 (САД, Германија, Велика Британија, Франција, Кина и Русија), а му се заканува целосен крах откако Трамп ги повлече Соединетите Американски Држави од договорот во 2018-та година.
Откако Американците воведоа и санкции против Иран, Техеран од мај минатата година започна да намалува добар дел од своите обврски од тој договор со кој беа драстично ограничени нуклеарните активности.