Берлин: Прашањето за отштети за Втората светска војна е заклучено

Прашањето за отштети поради окупациите на нацистичка Германија е заклучено, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи во четвртокот, откако во Полска претходно беше објавен извештај со кој е пресметано дека штетата од германската окупација во Втората светска војна изнесува 6,2 трилиони злоти или 1,3 трилиони евра и беше најавено дека Варшава ќе бара исплата на тие средства.

„Ставот на германската влада е непроменет. Прашањето за отштетата е заклучено. Полска се откажала од натамошните репарации одамна, во 1953 година. Откажувањето повеќепати ги потврди. Тоа е темелот на денешниот европски поредок. Германија останува при својата политичка и морала одговорност за Втората светска војна“, додаде портпаролот на германската дипломатија.

Полска процени дека воената отштета од нацистичката окупација и разорувањата изнесува околу 1,32 трилиони долари, и официјално ќе бара репарации од Германија, изјави во четвртокот челникот на полската владејачка партија Правда и справедливост (PiS), Јарослав Качински.

Новата процена е повисока за 850 милијарди долари, од онаа која во 2019 година ја соопштија од партијата на Качински. Од PiS ги повторуваат повиците за репарации откако во 2015 година со надмоќна изборна победа дојдоа на власт, но досега Варшава тоа официјално не го стори.

„До оваа сума се дојде со конзервативна метода, па може и да биде зголемена“, рече Качински.

Непријателскиот став кон Германија, кој PiS често го користи за мобилизација на своите гласачи, ги влоши односите меѓу Варшава и Берлин. Дополнително се влошија по војната во Украина, бидејќи Полска ја обвинува Германија за голема зависност од рускиот гас и за бавност во испраќањето оружје за Киев.

Околу шест милиони Полјаци, од кои три милиона Евреи, се убиени во Втората светска војна а главниот град Варшава е речиси целосно уништена по востанието во 1944 година во кое загинале 200.000 луѓе.

Качински во разговор за германскиот весник Bild од 2020 година изјави дека Полска би требало да бара репарации и од Русија, бидејќи во 1939 година тогашниот СССР со Германија договорил поделба на Полска со договорот познат како Рибентроп-Молотов.

Качински во тој разговор рече дека Русија би требало да ја плати отштета, иако Русија тогаш е само една од 16-те републики на Советскиот сојуз ниту тогашниот советски диктатор Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин кој всушност ја донел одлуката за договорот со нацистичка Германија на Адолф Хитлер е етнички Русин, но дека таа е неспоредлива со Германија „која е демократска и во неа важат законот и моралот, што не може да се каже за автократска Русија“.