Турската валутна криза претставува дополнителен ризик за германската економија, освен трговските тензии со САД и можноста Британија да ја напушти Европската унија без договор. Тоа го изјавија од Министерството за финансии во Берлин, цитирани од „Ројтерс“.
Турската лира изгуби речиси 40% од својата вредност во однос на доларот од почетокот на годината, поради влошените дипломатски односи меѓу Анкара и Вашингтон, како и поради загриженоста на инвеститорите за влијанието на претседателот Реџеп Ердоган на финансиската политика на земјата.
Германија е втор по големина странски инвестор во Турција, чиј најголем трговски партнер е Европската унија.
Ризиците остануваат, особено во однос на несигурноста околу тоа како се развива „Brexit“, како и за иднината на американските трговски политики“, се наведува во месечниот извештај на Министерството за финансии. „Продолжуваме со дебата за царините и заканата од трговска војна кои ја задушуваат трговската активност, се вели уште во текстот.
Во извештајот исто така се додава дека „економскиот развој во Турција претставува нов, надворешен економски ризик“.
И покрај овие закани германската економија останува енергично поддржана од државните трошоци, побарувачката од клиенти, пониските каматни стапки, силниот пазар на труд и зголемувањето на платите, посочуваат уште од министерството.
Исто така има очекувања компаниите да ги зголемат инвестициите, бидејќи светската економија останува во добра форма, независно од трговската војна, се вели во текстот.