Германија го нагласува меѓународниот принцип дека границите не треба да се менуваат со сила, изјави во средата владиниот портпарол по изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд и Канада, додека шефот на данската дипломатија рече дека Гренланд може да стане независен, но не и американска сојузна држава.
„Како и секогаш, се применува чесниот принцип на Повелбата на Обединетите нации и на Хелсиншкиот договор, а тоа е дека границите не треба да се менуваат насилно“, рече портпаролот на редовната прес-конференција.
Портпаролот одби да одговори на прашањето колку Германија сериозно ги сфаќа изјавите на Трамп.
Како што пренесоа американските медиуми во вторникот, Трамп не сакал да ја исклучи употребата на воена или економска акција за преземање на Панамскиот канал и Гренланд и ја изнел идејата Канада да стане сојузна држава на САД.
Канадскиот премиер Џастин Трудо во вторникот го отфрли предлогот на Трамп.
„Изгледите Канада да стане дел од Соединетите држави се ендакви на изгледите за снежна топка во пеколот. Работниците во двете наши земји имаат полза од тоа што меѓусебно се најголеми трговски и безбедносни партнери“, напиша Трудо на платформата X, откако најави дека се повлекува од премиерксата функција и лидерската позиција во партијата кога ќе биде избран негов наследник.
Премиерот на Гренланд разговараше со данскиот крал во Копенхаген во средата, ден откако забелешките на Трамп ја ставија судбината на островот под управа на Данска на врвот на светските насловни страници.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20-ти јануари, во вторникот рече дека нема да ја исклучи можноста за користење воена или економска акција за Гренланд да им припадне на Соединетите држави, пишува Reuters. Истиот ден, најстариот син на Трамп, Доналд Трамп Џуниор, престојуваше во приватна посета на Гренланд.
Гренланд, најголемиот остров на светот, е дел од Данска веќе 600 години, иако неговите 57.000 жители сега самостојно управуваат со домашните прашања. Владата на гренландскиот премиер Муте Егеде се залага за евентуална независност на островот.
„Целосно разбираме дека Гренланд има свои амбиции. Ако тие се остварат, Гренланд ќе стане независен, но тешко дека има амбиција да стане сојузна држава во САД“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.
Расмусен им рече на новинарите дека зголемената загриженост за безбедноста на Соединетите држави на Арктикот е оправдана поради зголемената руска и кинеска активност во регионот.
„Не мислам дека сме во надворешнополитичка криза. Отворени сме за дијалог со Американците за тоа како на крајот би можеле да соработуваме уште поблиску отколку сега за да обезбедиме исполнување на американските амбиции“, додаде Расмусен.
Сепак, иако самата Данска ја минимизираше сериозноста на заканата на Трамп за нејзината територија, отворено изразената амбиција на повратникот во Белата куќа да ги прошири границите на САД ги потресе европските сојузници помалку од две седмици пред преземањето на функцијата.
Односите меѓу Гренланд и Данска неодамна беа затегнати поради наводите за малтретирање на Гренланѓаните за време на колонијалната ера. Егеде рече дека островот не е на продажба и во својот новогодишен говор го засили својот притисок за независност. Данска вели дека само Гренландците можат да одлучуваат за судбината на територијата.
Данската премиерка Мете Фредериксен во вторникот изјави дека не може да замисли оти амбициите на Трамп ќе доведат до американска воена интервенција на Гренланд. Воените капацитети на Данска таму се ограничени на четири бродови за инспекција, извидувачки авион и патроли со санки со кучиња.
Иако многу Гренландци сонуваат за независност од Данска, кралот останува популарен на островот каде што поминал подолго време, вклучително и четиримесечна експедиција. Минатиот месец, кралскиот двор го смени грбот за да ја зголеми поларната мечка што го симболизира Гренланд.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро во средата изјави дека не верува дека САД ќе го нападнат огромниот арктички остров.
„Очигледно не доаѓа предвид дека Европската унија ќе им дозволи на другите земји во светот да ги напаѓаат нивните суверени граници, кои и да се тие. Ние сме силен континент“, изјави Баро за радиото France Inter.