Берлинската полиција се подготвува за антисемитски немири на 7-ми октомври

Берлинската полиција се подготвува за безредија на годишнината од нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври и почетокот на најновата израелско-палестинска војна, а сенаторката за внатрешни работи на Берлин во саботата најави решително спротиставување на евентуално насилните, како и на антисемитските немири.

„Мојот став е јасен: омразата, поттикнувањето и антисемитизмот немаат место на улиците на Берлин“, рече сенаторката за внатрешни работина градот-сојузна покраина Берлин, Ирис Шпренгер.

Рече дека припадниците на полицијата од другите сојузни покраини како и федералната полиција пристигнале да ѝ помогнат на полицијата во Берлин.

„Ќе направиме се за протестите на 7-ми октомври да се одржат мирно и безбедно“, рече Шпренгер и апелираше до учесниците на протестот „да ги изразат своите лични чувства“ на мирен и ненасилен начин.

Во Берлин се најавени многу протести за понеделник, на првата годишнина од нападот без преседан и масакрот на Хамас во јужен Израел во кој беа убиени над 1.200 луѓе, од кои 900 цивили, а над беа 250 киднапирани.

Протестите беа главно насочени против акциите на Израел во Појасот Газа кои следеа по свирепиот напад кој поради непоготвенсота и бавната реакција ги посрамоти изрелските тајни служби и војската со репутација како едни од најдобрите во светот, а наводно насочени против милитантното движење Хамас и во кои досега се убиени најмалку 50.000 Палестинци, од кои над две третини се деца и жени.

Последната година главно во Берлин, со пропалестинските и антивоени протести, имаше редовни антисемитски немири, извикување антисемитски пароли според исклучително строгите за оваа тема германски закони, како и величење на палестинското сунитско движење Хамас и либанското шиитско Хезболах, кои Германија ги прогласи за терористички организации.

Во исто време, германската полиција известуваше за остро зголемување на нападите со антисемитска заднина, како палење синагоги и цртање Давидови ѕвезди на згради поврзани со Евреи или имигранти од Израел.

Германските медиуми ланскиот 7-ми октомври известуваа дека по веста за крвавиот упад на припадниците на Хамас во јужен Израел, во деловите на Берлин каде живеат претежно жители со арапско потекло, на улиците имало отворено славење. Истото наводно било забележано и оваа седмица по веста за одмаздничкиот напад на Иран врз Израел.

Процентот на арапското население во Германија остро се зголеми по бегалската криза во 2015 година, кога над милион бегалци, најмногу од Сирија пристигнаа во Германија. Од крајот на седумдесеттите години во Германија, особено во Берлин живеат голем број бегалци од Либан, главно луѓе со палестинско потекло.