Полицијата во Берлин е задоволна од напредокот во програмата за борба против криминалните кланови кои дејствуваат на подрачјето на германската престолнина, објави портпаролката на берлинската полиција во четвртокот.
„Има доволно сигнали дека меѓу криминалните кланови владее извесна доза на вознемиреност, што е показател дека успеавме да ги нарушиме деловните планови на организираните банди“, изјави шефицата на полициската управа на Берлин, Барбара Словик, на прес-конференцијата во четвртокот.
Словик ги отфрли обвинувањата од некои медиуми и политички кругови, кои наведуваат дека борбата против криминалните кланови се сведува на рации во многубројните барови за пушење наргиле, како и дека не ги загрозува сериозните активности на криминалните семејни банди.
„Критичарите, за жал, ги гледаат само акциите на површината, а не и истрагите кои се водат длабински“, рече Словик одговарајќи на обвинувањата.
Берлинската полиција по сѐ поинтензвините дебати во јавноста за организираниот кримина на семејните банди по потекло до Либан, кон крајот на 2018 годиона донесе акциски план за борба против криминалните кланови.
На самиот почеток од акцијата запленети се многу недвижнини во Берлин кои ги поседувале членови на либански семејства, а овие лица иако сопственици на недвижнини со милионски вредности примале социјална помош.
Словик појасни дека резултати даваат и засилените акции и полициското присуство во квартовите, како што е на пример Ноекелн, кои важат за бастиони на криминалните кланови.
„Станува збор за тоа дека со присуството го сузбиваме агресивното и доминатно однесување на припадниците на клановите, како дивото паркирање, отфрлањето на општествените норми и уличниот криминал. Сето тоа води и до борба против организираниот криминал“, рече Словик и заклучи дека полека „се урива митот за недопирливоста“ на водачите на клановите.
Ја истакна и добрата соработка со меѓународните институции, како и со Сојузното биро за борба против криминалотр (BKA).
Криминалните кланови, а станува збор за семејства кои кон крајот на 1970-те години како воени бегалци од Либан пристигнале во Германија, се занимаваат со трговија со наркотици, а им се припишуваат ио некои спектакуларни криминални случаи, како што беше кражбата на 100 килограми тешкиот златник од еден музеј.