Теосон Зиебатше го постигна во 84 минута погодокот со кој беа поставени конечните 2:1 за домашната победа на Унион Берлин на Мајнц и со четвртата последователна лигашка победа дојде на чело на Биндеслигата.
Унион е во водство со 39 бодови од 19 натпревари, два бода и натпревар повеќе од Баерн кој во недела му гостува на Волфсбург. Унион годинава е непоразен на домашен терен, а сега има две првенствени победи повеќе од Баерн.
Домашните фудбалери тргнаа офанзивно од самиот почеток на мечот и во 32 минута дојдоа во водство со голот на Кевин Бехренс, за Мајнц во 79 минута доби пенал поради играње со рака на играч од одбраната на Унион кој го реализираше Маркус Ингвартсен. На берлинците им беа потребни само шест минути повторно да го преземат водството со голот постигнат од близина.
Третопласираната Борусија Дортмунд сега има 37 бодови откако со 5:1 го совлада Фрајбург кој остана шести со 34 бодови.
Борусија Д го искористи раното во 17 минута исклучување на Килиан Силдилиа за да поведе во 26 минута преку Нико Шлотербек, но во последната минута од првиот дел израмни за Фрајбург Лукас Хелер. Но во второто полувреме домашните брзо успеаја да постигна убедлива предност до три гола преку Карим Адејеми во 48, Себастиен Халер во 51 и Јулијан Бренд во 69 минута, а конечните 5:1 ги постави Џовани Реина.
Келн и Лајпциг одиграа без голови, по домашните моментално се на 11-то место со 23 бодови, а гостите се четврти со 36 бодови.
Без голови заврши и дуелот меѓу домашната Борусија Менхенгладбах која сега е осма со 26 бодови и „фенерџијата“ Шалке кој има само 11 бодови.
Ајнтрахт на домашен терен во Франкфурт беше убедлив со 3:0 во соочувањето со берлинска Херта. Двоен стрелец беше Рандал Коло Муаини во 21 од пенал и во 28 минута, а Аурелио Бута погоди во третата минута од судиското продолжение на мечот.
Ајнтрахт се зацврсти на петтото место на табелата со 35 бодови, а Херта продолжува да тоне претпоследна е 17-та со 14 бодови, пет помалку од зоната на опстанок.
Домашниот Бохум уште во првиот дел обезбеди убава предност од 3:0 против Хофенхајм во мечот кој заврши со конечните 5:2. За домашните стрелци беа Филип Хофман во 22, Филип Ферстер во 30, Такума Асано во 40, Ерхан Машовиќ во 69 и Мориц Брошчински во 83 минута, а за гостите погодија Криштоф Баумгартнер во 49 и Минас Дабур во 77 минута.
Сега Бохум и Хофенхајм го делат 14-то место на табелата со по 19 бодови.