Претседателот на Милан, Силвио Берлускони, повторно истакна дека е среќен што италијанскиот репрезентативец Марио Балотели не е повеќе член на Милан.
„Во моментот кога Балотели беше доведен во тимот јас не бев консултиран, инаку немаше да дозволам да се пресели во Милан. Како и да е, “расипаното јаболко” повеќе го нема, а во тимот имаме неколку шампиони, како Менез, Торес, Ел Шарави. Основата за добри резултати е тука”, изјави Берлускони.
Поранешниот премиер на Италија одвои време да нагласи и дека Карло Анчелоти, поранешниот тренер на Милан, а сега предводник на Реал Мадрид, е човек кој сеуште е од голема помош за Милан.
„Моите комплименти ги упатувам на адреса на Анчелоти, кој ни беше советник при ангажманот на нови фудбалери и ни ги посочи Лопез, Менез и Алекс“.
Првиот човек на Милан истакна дека сите во клубот работат макотрпно за да го вратат Милан на старите патеки, борба за титулата во Серие А и Лигата на шампионите.