Берлускони хоспитализиран во Милано

Поранешниот италијански премиер 85-годишниот Силвио Берлускони е хоспитализиран во Милано, соопштил во неделата за агенцијата Ansa извор упатен во ситуацијата, ден откако донесе решение да не се кандидира за претседател на државата.

Берлускони е примен во болница поради рутинска лекарска контрола, извести агенцијата. Неговиот портпарол не бил веднаш достапен да одговори на прашањето за коментар.

Берлускони во саботата, два дена пред изборот на шефот на државата, реши да не се кандидира. Десничарската коалиција бараше од Берлускони да се кандидира, но беше проценето дека веројатно кандидатурата не би била успешна поради проблемот да се обезбеди широка поддршка која е потребна меѓу повеќе од илјада вклучени пратеници и регионални претставници во изборот.

Премиер во четири мандати, Берлускон беше подложен на голема операција на срцето во 2016 година и го преживеа ракот на простатата. Минатата година повеќепати беше хоспитализиран, откако се зарази со коронавирусот во 2020 година.